ОЧЕКУВАМ НЕЗАВИСНА ЛИСТА НА ЖЕНИ

Добивај вести на Viber

Каква е улогата на жените во локалните избори во земјава. Застапени ли се, добиваат ли доволно простор, ги прифаќа ли општеството или ги дискредитира... На овие прашања, тимот на Женски Магазин ќе се обиде да добие став од дами, успешни во своите професии. Ставот на Ели Пешева, директор на комуникации во маркетинг агенцијата Њу Момент, за Женски Магазин  го пренесува Вики Чадиковска. Женски Магазин: Во Македонија сè уште живееме во општество каде постои нерамноправна поделба меѓу мажите и жените. Во прилог на ова, оди бројката на жени кои ќе се трчаат за градоначалник на локалните избори. Дали според Вас, бројката од 15 дами, е оправдана или премала? Пешева: Бројката на жени кандидати за градоначалнички, не само што не е оправдана, туку е и крајно дискриминациска и демотивирачка. Всушност, го изразува стравот на мажите во нашето општество, дека жена може да води. Истовремено и ароганцијата дека припадничката на „послабиот“ пол не може да биде подобра од претставникот на „посилниот“. Ние навистина не сме имале ситуација жена да не води, ниту во главниот град, па ни во поголемите градови, ниту како избран премиер или претседател на државата. Она што мене ме запрепастува е дека на толку активни жени во политичките партии, тие сè уште како да чекаат мажите да ги пофалат, охрабрат, и да им ја дадат шансата. Жените, меѓусебе треба да го изградат системот на поддршка, на создавање вредности и влијание и на младите генерации девојки и девојчиња да им покажат што се е можно. Во светски рамки бројот на жени градоначалници е во постојан пораст, во САД речиси 20% од градоначалниците на големите градови се жени. Париз, Барселона, Рим, Прага, Варшава, Букурешт, Монтевидео, дури и Багдад, имаат жени градоначалнички. Затоа едноставно сум затечена од овој процес на уназадување на нашето општество, со игнорирање на жените за клучни позиции. Женски Магазин: Каков е вашиот впечаток, дали ова е случајно или свесно? Пешева: Не верувам во случајност за ова прашање. Ова не е некоја од темите кои ги затекнала политичките партии неподготвени. Многу е разговарано за овој проблем, токму затоа и ги имаме квотите за помалку застапениот пол. Повеќе би рекла дека резултатите од локалните стереотипи, си ги претставуваат како резултати од анкети, и според нив просечниот гласач од Македонија, нема да заокружи жена на избирачко ливче, наспроти мачо понудата од спротивставениот табор. А погледнете, нашето општество е полно со силни жени, но тие по некоја чудна случајност не се исклучиво во политичките партии, или во одреден период биле, па повеќе не се активни политичарки. Верувам дека до следните избори, ваквиот третман на способните жени, ќе достигне кулминација, и посакувам тоа незадоволство да резултира со независна женска листа. На задоволство на гласачите. Женски Магазин: Интересно е тоа што во општини каде населението е со мешан национален состав, дамите ќе се борат против посилниот пол. Дали сметате дека ова е пресметан ризик? Пешева: Како некој вид експеримент на терен, но секако токму тие дами заслужуваат посебна поддршка, бидејќи бариерата на стереотипи кои тие ќе треба да ја рушат, изложувајќи се себеси и своите семејства на секакви (не)политички удари, е исклучително дебела и тешка. Од жената на политичка функција се очекува двојно поголем напор, посветеност, пожртвуваност и двојно поголеми резултати отколку кога би станувало збор за маж, за кој можеби и несвесно, но секогаш се наоѓаат оправдувања. На жените им е сè уште многу тешко да бидат прифатени како политички лидери посебно во локалната политика. Женски Магазин: Работевте на еден интересен проект за екологија. Кој според Вас, имаше повеќе сенс за чист воздух, понежниот или посилниот пол? Пешева: Многу интересно е што во ниту еден момент не сме обрнале внимание дали доминираат мажи или жени. Кога луѓето ги обединува заеднички интерес, кога делат проблем, и заеднички бараат решение, тие заедно стремат кон цел. Претпоставувам дека доминираат жени, но мажите ниту се потиснати, ниту загрозени. Заеднички се поддржуваме и соработуваме, битно е да стигнеме до решение. И тоа е можеби најчистиот и најпотребниот пример за едно општество, дека не е важно дали се жени или мажи во прашање, доколку сте го собрале најспособниот, највредниот, најискрениот тим околу себе. Но, пак, немојте да ни кажуваат приказни дека меѓу 268 кандидати, само 15 жени се доволно добри да се најдат во тоа друштво. Женски Магазин: Треба ли жените да бидат малку погласни, посебно кога е во прашање нивната застапеност во клучни јавни функции? Пешева: По мене неразбирливо пасивно однесување на жените во политиката, со мали исклучоци, како што се гледа. Велам политиката, бидејќи позициите на жените во бизнис секторот, посебно во новите индустрии, е далеку од потценувачки. Жените се на менаџерски позиции, во медиуми, во големите корпорации, во информатичките индустрии, во креативните индустрии, во агенциите, заработуваат добро, живеат во модерниот 21 век. Зошто не е така и кога станува збор за јавните функции, веројатно повторно ќе се вратиме на одговорот од погоре дека ја чекаат својата шанса од мажите сопартијци, наместо да се организираат и да притиснат. Доколку настапат погласно, со цврсти ставови за праведно позиционирање, сигурна сум дека нивните колеги ќе мораат да почнат да соработуваат.