СТАРИ И НОВИ ПРИКАЗНИ ЗА ГРУПАТА „МЕМОРИЈА“ СО ПЕТАР ГЕОРГИЕВСКИ-КАМИКАЗА
Со Поце заедно одиме на договор со директорот на спортската сала во Велес. Стигаме, пиеме кафе и доаѓа еден лик со мустаќи и малку со потсмев не гледа и вика: „И шо? Концерт сакате да праите во салава?“ Поце ко од пушка му одговара: „Да, а зошто да не?“ „Епа видете вака, пред две недели Лепа Брена го откажа концертот бидејќи продаде само 7 карти и сеа вие?! Мислите дека ќе продатете нешто?“, се сеќава Камиказа.
Од каде идеја и потребата легендарната поп-рок група „Меморија“ да се врати по повеќе од 20 години? „Тоа е наш заеднички завет, даден пред неколку години“, вели еден од основачите Петар Георгиевски - Камиказа. По промотивната кампања која траеше последниве 11 месеци, членовите на групата бројат ситно до повратничкиот концерт на 18 ноември во Метрополис Арената во Скопје.
„Меморија“ е основана во 1984 година од гитаристот Душан Трпковски - Ринго и Петар Георгиевски кој свирел бас гитара. Деби албумот го испеал Зоран Или-Зоци, на кој е и хитот „Нена“. Ринго и Зоран ја напуштаат Меморија и со нови членови се снима деби студискиот албум „Оган под ѕвездите“ во состав: Поце Икономов (вокал), Георгиевски (бас), Антонио Димитриевски (тапани), Дејан Кузмановски и Валентино Скендеровски (клавијатури), Ицо Јовковски и Бане Поповиќ (гитари). Преработката на хитот „Македонија“ од групата „Тајм“ и Дадо Топиќ ја објавија на следниот албум, „Октомвриски дождови“. На 27 октомври во 1991 година во скопскиот ноќен клуб „Хард рок“ е снимен нивниот албум во живо, а до крајот на постоењето имаа уште два: „Зошто боже“ во 1993 и „Меморија“ во 1995 година. Во меѓувреме, вокалистот Поце го смени Ристо Самарџиев.
[caption id="attachment_4233" align="aligncenter" width="669"] Во Велес, во 1992 година, на концерт не пречека огромен транспарент од 50 метри на кој пишуваше „Меморија засекогаш“. Еве и сега, кога го пишувам ова, сликата ми е пред очи и повторно се ежам. - „Меморија“ пред 25 години[/caption]
На концертот во Метрополис Арената, на сцената ќе ги видиме Петар Георгиевски-Камиказа, Поце Икономов, Ристо Самарџиев, Сашо Ангелов, Валентино Скендеровски, Бане Поповиќ и Димитар Мичо Божиков. Се започна на крајот на минатата година, кога „Томато продукција“ изработи нов спот за старата песна на „Меморија“, Среќна Нова година. Со таа песна, дојде и најавата за концертот. Премиерно, бендот настапи во живо на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“ во февруари.
„Немавме трема пред настапот. Поинтересно беше по него. Следеше она: леле, што направивиме, хахаха“, ни раскажа Перо Камиказа. „Месеците потоа поминаа во дружба-служба и усогласување на карактерите“, додаде тој.
Сите овие години колку што ги немало на сцената, членовите на бендот се дружеле приватно. „Половина од бендот се кумови меѓу себе: Валентино и Поце, Мичо и Сале. И се разбира дека се дружевме, само поретко од сега. Овие месеци се гледавме повеќе од било кога“, изјави Георгиевски. И во деведесеттите и денес, тој своите другари од бендот ги нарекува големи ентузијасти.
[caption id="attachment_4231" align="aligncenter" width="715"] Половина бенд сме кумови меѓу себе: Поце Икономов, Ристо Самарџиев, Сашо Ангелов, Валентино Скендеровски, Бане Поповиќ и Димитар Мичо Божиков на ручек по една од пробите пред концертот[/caption]
Го прашавме и зошто престана „Меморија“ во времето на голема популарност. „Не престана во најголема експанзија, туку во повторната наезда на гости од соседството“.
Во една од анегдотите врзани за концерт во Велес во 1992 година, Камиказа се сеќава на моментот кога Поце по концертот го влечеле 50 девојки, тргајќи го секоја на своја страна. „Тој на полицајците им вика: помогнете ми бе, а еден полицаец му одговара: Кога ја дигаше опашката сега нека те скубат“. Петар се надева дека во публиката на концертот ќе дојдат истите тие девојки кои ја обожавале групата во деведесеттите. „Не верувам дека ќе дојдат во првите редови, ама во вторите секако“, низ насмевка ни изјави тој.
Го прашавме и: дали преработката на песната „Македонија“ од Дадо Топиќ кај нас постигна поголема популарност од оригиналот? Перо скромно и кусо одговара: „За тоа ќе суди публиката“.
Има уште еден интересен феномен за „Меморија“. За време на изведбата на баладата „Оган под ѕвездите“, во делот кога песната вели: „Птиците да се вратат на југ“, по птиците, вокалот Поце извикуваше - Македонците. Како ја коментирате актуелноста на овие стихови денес, кога се повеќе млади луѓе се селат од Македонија, го прашавме Камиказа. „Трагично. И мојот син е иселен. Така што…“.
[caption id="attachment_4232" align="aligncenter" width="640"] „Меморија“ Не престана во најголема експанзија, туку во повторната наезда на гости од соседството[/caption]
Муабетот со Петар го завршуваме весело и носталгично. Со една од анегдотите за „Меморија“ кои емотивно и со прецизни податоци ги раскажуваше на социјалните мрежи во изминативе месеци. Ја издвоивме онаа за Велес:
„Со Поце заедно одиме на договор со директорот на спортската сала во Велес. Стигаме, пиеме кафе и доаѓа еден лик со мустаќи и малку со потсмев не гледа и вика: И шо? Концерт сакате да праите во салава? Поце ко од пушка му одговара: Да, а зошто да не? „Епа видете вака, пред две недели Лепа Брена го откажа концертот бидејќи продаде само 7 карти и сеа вие?! Мислите дека ќе продатете нешто?“ Јас му велам: „Ако продадеме над 500 билети ти нас салата гратис, а ако не ние дупло ќе ти платиме.“ По две недели, стигаме во Велес и веќе продадени над 1.000 билети. Директорот вика: „Некој да ми раскажувал за ова никогаш немало да му поверувам. Со алал нека ви е салата.“ Имавме проба, отидовме да јадеме и додека се вратиме во салата сите 1.500 билети беа распродадени. Почнуваме да свириме во пеколно загреана атмосфера и на чудење на сите гледаме огромен транспарент од 50 метри на кој пишуваше „Меморија засекогаш“. Еве и сега, кога го пишувам ова, сликата ми е пред очи и повторно се ежам.“, раскажа Петар. „Со цел да ги обновиме убавите спомени ве покануваме на нашиот концерт“, завршува тој.
За Женски Магазин, Милица Џаровска
Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин