„Во името на семејството Хворостовски, со голема жалост објавуваме дека почина Дмитри Хворостовски – сакан баритон, сопруг, татко, син и пријател. Тој почина мирно утрово, опкружен со семејството во близина на неговиот дом во Лондон. Нека топлината на неговиот глас и дух секогаш бидат со нас“, објави семејството.
Во 2015 година му беше дијагностициран тумор на мозок. Легендарниот пејач се врати на сцена кратко по првата сесија со терапија во септември 2015 година. Заедно со рускиот сопран Ана Нетребко, изведе делото „Трубадур“ од Верди, во Метрополитен операта во Њујорк. Кога Хворостовски излегол на сцена, салата еруптирала од аплаузи.
Хворостовски е еден од најпопуларните оперски ѕвезди, кој настапувал на најголемите светски сцени и со најпознатите солисти и диригенти.
Роден e во Краснојарск, Сибир, Русија на 16 октомври 1962 година. Во 1989 година ја освоил престижната награда „Кардиф“ на светски натпревар. Од почетокот на неговата кариера, публиката беше одушевена од неговиот култивиран глас, природното легато. По оперското деби на Запад, во операта во Ница со „Пикова дама“ на Чајковски, неговата кариера доживеа врв во најголемите оперски куќи и фестивали, меѓу кои Ројал опера хаус, Ковент гарден, Метрополитен, Париската опера, Миланска Скала. Станал првиот оперски пејач што настапил соло со оркестар и хор на Црвениот плоштад во Москва, концерт пренесуван во повеќе од 25 држави.
Македонската публика имаше можност да ужива во неговиот талент на отворањето на Охридско лето во 2013 година.