Со Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе ја почне сезоната 2017/2018 во новата концертна сала. Концертот е симболично насловен „Нов почеток“, а сезоната почнува со мало задоцнување затоа што се довршуваа техничко-правните процедури за објектот.
Во вториот дел од програмата на вечерашниот концерт ќе бидат две дела кои се сметаат за капитални во оркестарската литература - „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп. 28 на Рихард Штраус.
На концертот од Чајковски, кој е еден од најпознатите за пијано и оркестар, ќе свири младиот пијанист Дино Имери. Концерт-мајсторот Ана Кондратенко вели дека во нејзината родна Русија овој концерт се свири на свадби, наоѓајќи симболика со нивното вселување во новата концертна сала.
Филхармонијата, до крајот на годината ќе одржи 11 концерти, меѓу кои два детски, еден новогодишен, еден посветен на композиторот Драган Ѓаконовски – Шпато.