, ,

Превенција и рано откривање на Алцхајмерова болест

Добивај вести на Viber

Германскиот психијатар и невролог Алојз Алцхајмер прв пат ја опишал пациентката која боледувала од опишаната болест во понатамошниот текст, а која понатаму по него го добила името на болеста. Денес привлекува големо внимание како на стручните лица така и на лаиците бидејќи сѐ уште претставува енигма во современата медицина. Еден век подоцна од Алцхајмеровата болест и останатите облици на Деменција заболени се 24 милиони луѓе во светот. Загрижувачки е што оваа бројка брзо расте. Според објавените податоци во 2005 година во еминентното списание „Lancet во блиска иднина, поради продолжување на човечкиот век, следи неминовна епидемија на деменција, поради што на секои 7 секунди се појавува нов случај на деменција во светот. Најновите научни проценки предвидуваат дека до 2020 година може да заболат до 43 милиони луѓе, до 2040 година 81 милион луѓе, а до 2050 преку 115 милиони заболени од деменција. Алцхајмерова болест е хронична прогресивна дегенеративна болест на мозокот и најчесто се јавува после 65 година од животот. Се смета дека првите промени во мозокот настануваат и 10 години пред појава на првите симптоми, а тоа е загуба на епизодични помнења или заборавање. Се подразбира дека не е секое заборавање знак на Алцхајмер. Поради стресниот начин на живот често се случува да заборавиме каде сме ги ставиле клучевите или мобилниот телефон, но ако после кратко време се сетиме, тоа не претставува когнитивен проблем. Но ако не можеме да направиме реконструкција на претходно движење во околината, тоа е знак за Алцхајмер. Ако го заборавиме името на филмот, тоа не е проблем но ако го заборавиме името на блиска личност, тоа е знак за можна појава на оваа болест. Ако го заборавите пинот на банковната картичката и ако подоцна се сетите на истиот, не се грижете тоа не е проблем, но ако не знаете зошто воопшто служи картичката, тоа упатува на сериозен когнитивен проблем. Рано препознавање и лекување на Алцхајмеровата болест го успорува нејзиниот тек и го подобрува квалитетот на животот Првично препознавање и откривање на оваа болест треба да биде од страна на матичниот лекар кој понатаму ќе го упати пациентот на понатамошно испитување и извршување на лабораториски анализи, невролошки преглед, компјутерска томографија или магнетна резонанца, когнитивно тестирање кое се извршува преку соодветни когнитивни тестови ,наменети за рано откривање на оваа болест од страна на психолог и препишување медикаменти зависно од симптомите и фазата на болеста од страна на психијатар. Што после поставување на дијагнозата После поставување на болеста, важно е да се истрае во давањето поддршка на болниот, така што подолго да остане активен во секојдневните животни активности и во околината. Заболените од оваа болест се дел од нашето семејство, најчесто тоа се нашите мајки, татковци, баби, дедовци, кои ни пружиле љубов, воспитување, животно осознавање и сега треба да им ја вратиме љубовта преку нашата грижа и внимание. За сместување во соодветна установа треба да се размислува кога болниот се наоѓа во напреден стадиум на болеста, кога ќе станат опасни за себе и околината како на пр: забораваат да гасат шпорет, не можат да прават разлики меѓу прозор и врата итн. Превенција од Алцхајмерова болест Да, може. Обично се вели - што е здраво за срцето, здраво е и за мозокот. Превентивни мерки со кои може да се намали ризикот од оваа болест се: одвикнување од пушење цигари, намалување на масти и шеќери во крвта, бидејќи високиот крвен притисок и високото ниво на холестерол можат да ги уништат артериите и да предизвикаат болест на срцето, срцев удар, мозочен удар, а тесно се поврзани со Алцхајмер. Медитерански начин на исхрана, пробиотици, витамин D3, одржување на оптимална телесна тежина преку нормален внес на храна и редовно вежбање, секојдневна физичка активност го штити мозокот. Затоа и се препорачува пешачење, најмалку еден час брзо одење, квалитетен 7-8 часовен сон, когнитивен тренинг на мозокот - решавање крстозборки, рачно сметање на сметки, играње друштвени игри, учење нови поими, учење странски јазик итн. Со учење на нови работи се прават нови врски помеѓу нервните клетки во мозокот и се зајакнуваат старите. За Женски Магазин Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија, Кабинет за Деменција при ЈЗУ Клиника за Психијатрија Скопје