Психичкото насилство врз жените во Македонија
Насилството врз жена во кој било облик е тотално неприфатливо како во големите уредени земји, па така и земји од нашиот калибар, Македонија, Србија, Бугарија и пошироко низ Европа. Честопати погрешната претстава за што всушност е насилство, стравот како главен фактор и манипулацијата врз една жена се сосема доволни фактори дека сте дел од еден ментален и емотивен кафез, но притоа да не сте свесни.
Интернетот изобилува со најразлични информации за оваа тема, што за жал повеќето жени не ја разбираат сериозно и фактот дека остава трајни последици врз самата личност и нејзиниот карактер, најчесто се занемарува поради големата неинформираност дека за ваков тип на насилство се одговара кривично.
Зборот е најмоќното оружје, што не се заборава а чувството на вина и беспомошност, стравот во секоја мисла и помисла, се носители на едно големо бреме, внатрешна борба и одново градење на себе.
Најчесто, одреденото однесување на просечен маж во Македонија кога ќе направи вакво нешто, се препишува на тоа дека тоа е нормално на Балканот, вие сте си го барале, љубоморен е ќе му помине, ајде не мислел така, маж треба да биде маж па и да тресне со тупаница по маса, или да посегне по вас со навреди или во краен случај физички напад.
Не, неговото однесување воопшто не е прифатливо ниту ќе се промени, како што лузната од неговите зборови ќе ја памтите вечно, а ќе ве избруси во една нова личност, некогаш во светло до непрепознатливост, другпат во личност што никогаш не сте сакале да ја запознаете.
Запомнете дека никој нема апсолутно право да ве навредува поради неговите лични погрешни сфаќања, не ги оправдувајте постапките и навредите со евтината манипулација дека проблемот е до Вас, дека Вие провоцирате и дека намерно така ви зборува за да ве освести или во краен случај дека ќе останете сами и несреќни ако не ги задоволувате неговите желби, и дека тој ви е единствената надеж во животот.
Дами, денот и Сонцето се доволно светли за да ве расони и од најдлабокиот емотивен сон, воспитувањето и љубовта од семејството се главни показатели на доза љубов и основи темели на почит. Не чекорете по патот каде се посадени трња од зборови, токсичен воздух и зашеметеност од небулози наметнати да ги верувате.
Процесот на емотивното лекување е долготраен. Емотивниот манипулатор не бира возраст ниту какво искуство имате. Доволно е да ја осети вашата послаба страна, и да започне емотивната тортура од зборови, ќорсокак без патокази. Заштитете се себеси.
Денес, зборуваме со Маја Ристова–магистер по правни науки, адвокатка, феминистка, експертка во области како мобинг и насилство, претседателка на Асоцијацијата на менаџери на Македонија. До неодамна Маја беше и правна советничка во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг при Сојузот на синдикатите на Република Македонија.
Остроумна и праведна до срж, ова е дамата која е прогласена за една од најуспешните дами за 2017-та година, а нам ни беше задоволство да разговараме за теми кои се доста важни за една современа жена.
Женски Магазин Имате богато искуство на многубројни правни теми, но најинтересна е мобингот и насилството, како и правата на жените. Од каде желбата да се занимавате со оваа проблематика и како Маја гледа на општата слика за правата на жената во Македонија?Ристова Во моментот кога почнав да ја вршам адвокатската професија, детектирав дека во Македонија, многу малку се свртува вниманието на одредени проблематики и на правата на одредени маргинализирани групи и поединци, и покрај тоа што истото е неопходно за една демократска држава. За таа цел, а како жестока поборничка за човековите права, од почетокот на мојата професионална кариера до денес, посветено работам за заштита на правата на граѓаните, особено во работната средина, заштита од психичко и полово вознемирување на работното место и заштита на жената при секој облик на насилство. Сметам дека давам соодветен придонес, најпрвин, да се актуализираат овие теми, понатаму да се информираат граѓаните за тоа што значат сите одделно и на крај како да се превенира и заштити од нив.
Во однос на вториот дел од прашањето, општата слика по ова прашање не е завидна од причини што родово базираното насилство, дискриминацијата врз основа на пол и бременост, помалку платениот труд, како и мобингот (особено половото вознемирување на работното место), претставуваат секојдневно и континуирано нарушување на правата на жените во Македонија.
Женски Магазин Стравот е клучна алатка за непријавување на насилство врз жена во кој било облик. Колку често се случува да Ви се обратат за подигање на постапка на оваа тема или сметате дека повеќето жени молчат, трпат и се дел од насилство?Ристова Најголемиот дел од жените кои трпат психичко насилство молчат од страв и срам, друг дел не се ни свесни дека се жртви на насилство, поради тоа што во Македонија како да е општо прифатено и нормално однесувањето кое во светот се квалификува како насилство. Има и такви кои побарале правно-советодавна помош конкретно до мене како адвокатка, но бројот е многу мал.
Женски Магазин Дали сметате дека дамите во Македонија ги знаат своите права како жени и дали воопшто постои свест на оваа тема?Ристова Не, свеста на оваа тема е многу ниска. Жените не се запознаени со своите права по однос на ова, но и тие кои се запознаени не се охрабрени и поддржани од државата да побараат институционална помош. Повеќе од потребни се кампањи за подигнување на свеста и охрабрување на жртвите да не молчат доколку се жртви на психичко насилство.
Женски Магазин Искуствата се различни, а Вие сте во улога на нивен правен заштитник. Дефинирајте ни го стручно психичкото насилство врз жена?
Ристова Психичко насилство, е секое дејствие кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и интегритетот на жртвата. Психичко насилство се заканувањето, навредувањето, прекумерна контрола, исмевањето, изнудувањето, принудувањето, прекумерна љубомора, замолчувањето итн. Последиците од психичкото насилство можат да бидат подолготрајни од оние на физичкото.
Женски Магазин Кои се најчестите последици со кои жените се справуваат по искусувањето на еден ваков неубав чин?
Ристова Најчести последици се емоционални нарушувања на психичкото здравје на жртвата на семејното насилство, како и постојани психички маки и страдања на жртвата. Долготрајната изложеност на овој тип на насилство може да создаде ниско самопочитување на жртвата, напнатост, зависност, депресија, агресивност, суицидални намери итн.
Женски Магазин Кои се основните мерки за заштита на правата на жената во Македонија од психичко насилство?Ристова Секоја институција има соодветни мерки на заштита на жртвите. Така, Центарот за социјална работа може да изврши сместување во центар за лица – жртви на семејно насилство; да им обезбеди соодветна здравствена заштита; да пружи соодветна психо – социјална интервенција и третман; да пружи психо – социјален третман во советувалиште; да обезбеди помош на семејството за редовно школување на дете; да обезбеди и правна помош и застапување, и да придонесе кон економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.
Полициски службеник пак, секогаш кога има пријава за семејно насилство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот.
Полицискиот службеник има обврска да прави проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и на ризикот од повторување на насилството, со цел за заштита на жртвата, преку соодветно управување со ризикот. Исто така, полицискиот службеник ја придружува жртвата во станот или друг простор каде жртвата живее, ако е потребно да ги земе личните работи кои се неопходни за секојдневниот живот и е должен во определен рок до надлежниот суд да достави предлог за изрекување на привремена мерка за заштита-отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и полициски извештај, изготвен од полицискиот службеник.
Здруженијата кои имаат СОС линии, можат да преземаат мерки за заштита, самостојно или во соработка со Центарот за социјална работа, Здружението е должно за преземените мерки во рок од 24 часа да го извести Центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на лицето жртва на семејно насилство.
Женски Магазни Каде најпрвин треба да се обрати жената кога ќе наиде на ваков проблем?Ристова Психичкото насилство може да се пријави во Шелтер центри, психосоцијални советувалишта, Здруженија-СОС линии, центарот за социјални работи и Полиција.
Женски Магазин Кога правдата е задоволена, дали се случува и покрај добиениот спор да имате случај жената повторно да се врати таму каде што ја малтретирале? Ристова Ретко, но се случува. Женски Магазин Кои заедници постојат кај нас каде што отворено може да се разговара на оваа тема, со оглед на тоа дека кај нас сѐ уште постои срам од синдромот: „Што би рекле другите“ и „Да не дознае тој “? Ристова Секое лице вработено во институциите коишто ги споменав претходно, должно е да ги чува во тајност информациите со кои се среќава во текот на работењето. Искрено се надевам дека истото се почитува. Женски Магазин Што би им препорачале на нашите читателки, кои се пронаоѓаат во оваа статија, но се плашат од преземањето на првиот чекор? Ристова Би им препорачала да не молчат и да не го трпат насилството, независно во која форма е, напротив да побараат помош од надлежните институции кои претходно ги споменав. Во денешно време, каде интернетот е неограничено достапен до секого, жртвите може да се информираат каде и на кој начин најбрзо и нај ефективно ќе се заштитат, во зависност од типот на насилство кое им се врши. За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebo