Животна училница // Приказни
РАЗГАЛЕНИ ДЕЦА?
Многу пати сме биле сведоци на непригодно и иритирачко однесување на деца во придружба на родителите, било тоа да е во парк, во маркет, на улица… Секогаш се запрашувам која е причината за ваквото однесување? Зошто родителите не знаат како да се справат со таквото однесување на детето?
Во последните неколку децении стана актуелен нов начин на воспитување чиј производ се презаштитени и разгалени деца. Сега кога ќе видиме колкав е бројот на така воспитани деца, ќе сфатиме колкава штета е направена.
Некои родители наместо да му се препуштат и уживаат во родителството, опседнати се со тоа дека нешто лошо може да му се случи на нивното дете па му се мешаат во развојот и го блокираат како би го смалиле ризикот од повреди, непредвидливи ситуации и сл. Така создаваат презаштитено дете кое ќе израсне во личност која е пасивна затоа што верува дека е неспособна и дека светот е едно опасно место за живеење.
За разлика од презаштитените деца, разгалените деца имаат див, нескротлив темперамент. Овие деца се производ на попустливо воспитување. Каде е грешката? Повторно ја наоѓаме во стравот. Овие родители постојано се плашат - да не ја изгубат љубовта од детето ако не му удоволат на некое негово барање, дека детето можеби ќе се истрауматизира и ќе биде несреќно ако се обидат да му постават ограничувања или не дај Боже го казнат. Вртејќи се во овој лавиринт, овие родители забораваат која е нивната главна цел - да го подготват детето за самостоен живот во заедницата. Последица на ваквиот пристап на воспитување е губење на родителската моќ. Овие родители никогаш нема да го научат своето дете што е добро а што е лошо.
Разгаленото дете ќе израсне во разгалена возрасна личност која не способна за самостоен живот. Никогаш нема да развие способност за самоконтрола, брзо ќе се откажува од сите активности на кои треба да биде посветена подолго време. Нема да има развиени работни навики поради што повеќето луѓе ќе го избегнуваат. Во суштина разгалените деца никогаш нема да пораснат, и ќе можат да функционираат само доколку најдат некој кој со нив ќе се однесува како неговите родители.
Родители! Непотребно е напрегањето да бидете одлични, совршени родители кои без разлика на се, се ќе направат за своите деца. Бидете храбри, поставете граници, научете го детето што е добро а што е лошо, покажете му го патот по кој сигурно и без страв ќе чекори кон иднината.
За Женски Магазин, Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог