Баба гануш (Baba ghanoush) полека зазема место на едно од моите омилени арапски закуски. Се служи како стартер или во добро познатата шаварма. Месо со зачини, Баба гануш и арабска пита, ммммм. Овој лесен и многу здрав рецепт мора да го пробате. А за тоа потребно ви е:
2 Модри патлиџани (големи)
1 Домат
1 Зелена пиперка
Магданос (1 рака)
2 Парчиња млад кромид
1 чешне лук
Половина калинка
15 мл. Сок од лимон
60мл. Маслиново
30гр. Тахини
1 лажиче црвен пипер
Сол и бибер
Почнуваме од модриот патлиџан. Тој по правило, за да добиете ароматична закуска, треба да биде испечен на скара или на оган, со тоа што постојано ќе го вртите. Доколку ја имате таа можност печете 10 мин., додека целоосно не омекне. Во спротивно, насечете ги на половина, посолете, ставете малку маслиново и печете ги на 200 степени околу 40 мин.Треба целосно да омекнат. Додека се печат, вие насечкајте ги пиперките, младиот кромид и магданосот, колку што можете поситно. Потоа излупете го доматот, извадете го семето од внатре, насечкајте го на ситно и ставете го да отстои во цедалка, за да се исцеди течноста. Откако модриот патлиџан ќе се испече и излади, излупете го и насецккајте го ситно. Во подлабок сад ставете го зеленчукот, додате ги тахинито, зрната калинка, лимоновиот сок и маслото. Промешајте и додадете ги зачините. Поспужете по желба. И на здравје . Може да го јадете така или пак во комбинација со месо.
За Женски магазин, готви Маја Зивчевиќ