РОМАНТИЧЕН КОНЦЕРТ НА ЏИПСИ КИНГС- Девојките заплакаа по кралевите

Добивај вести на Viber

„Џипси кингс“, формацијата на Пако и Микаел Баилардо вечерва за прв пат настапи во Скопје, во ВИП Арената. Според топлиот прием на публиката, ова никако не би требало да биде наша последна дружба со „циганските кралеви“. Публиката со нетрпение и со голема нервоза ги очекуваше. "Џипси" на сцената дојдоа дури околу 23 часот, по настапот на двете предгрупи: "Баклава"и "Чалгија саунд систем". Колку и да беа добри домашите групи, фановите едвај додржаа да ги дочекаат гостите. Чекањето вредеше. Шармот на Франција како земја од која доаѓаат, страста на шпанското фламенко со кое се светски познати веќе 41 година, и циганската тага во мелодијата на гитарата и во вокалот, се дел од убавините со кои не почестија Пако и Микаел со нивниот состав. Скопските дами се препознаа и со љубов заиграа на „Bem, Bem Maria“, некои дури и заплакаа на соло гитарските делници и на љубовните стихови. Целата публика полуде на" Djobi Djoba". За „Џипси кингс“ е плус што свиреа пред музикална публика. Нашиот народ кој е познат по чуството за ритам, плескајќи им помогна на кралевите песните да им звучат уште побогато. Убав свет дојде на најромантичната предновогодишна забава. Среќни и насмеани лица си заминаа од салата. Концертот го организираше „Авалон“ продукција, во рамките на фестивалот „ All You Neеd is Love“.
Публиката беше највесела на хитот Despasito.
За Женски Магазин, Милица Џаровска