ВИОЛИНИСТКАТА АНА КОНДРАТЕНКО ДУХОВИТО ГО НАЈАВИ ОТВОРАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА
Со концертот насловен „Нов почеток“, на 25 октомври ќе биде отворена сезоната во новата сала на Македонската филхармонија, најави денеска на прес конференција в.д директорот Виктор Илиески. Солист на пијано ќе биде Дино Имери, со изведба на Концерт за пијано и оркестар број 1 од Петар Илич Чајковски. Ќе се свири и симфониската поема Римски фонтани од Оторино Респиги, како и Ѓаволштините на Тил Ојленшпи гел, опус 28, од Рихард Штраус. Диригент ќе биде Борјан Цанев.
Токму за значењето на Чајковски во нејзината земја, раскажа виолинистката Ана Кондратенко, маркантната русинка, која е концерт мајстор во Филхармонија. Таа направи интересна паралела помеѓу отварањето на новата филхармониска сала со музиката на Чајковски и руската традиција.
„Кај нас во Русија, музика од Чајковски се свири на свадби, поточно на венчавките во Општина. Тоа е стара руска традиција. На првиот концерт со кој го означуваме новиот почеток во новата сала на Филхармонијата, ќе го свириме токму Чајковски. За мене овој концерт претставува венчавка, исто како во Русија. Го доживувам како ние солистите да се венчаваме за новата сала, и тоа е една интересна симболика на која се сетив“, изјави Кондратенко. Таа најави уште еден интересен концерт за следната година, виолински дует со нејзиниот сопруг Олег.
Филхармонијата, до крајот на годината ќе одржи 11 концерти, меѓу кои два детски, еден новогодишен, еден посветен на композиторот Драган Ѓаконовски - Шпато.
За Женски Магазин, Милица Џаровска