Интервјуа // Интервјуа
СЈО ТРЕБА ДА СЕ СЛЕДИ КАКО ПРИМЕР
Каква е улогата на жените во локалните избори во земјава. Застапени ли се, добиваат ли доволно простор, ги прифаќа ли општеството или ги дискредитира… На овие прашања, тимот на Женски Магазин ќе се обиде да добие став од дами, успешни во своите професии.
Ставот на Душица Мрѓа, новинар во Tелевизија 24, за Женски Магазин го пренесува Вики Чадиковска
Женски Магазин: Дали сметате дека е премала застапеноста на дамите на градоначалничките листи?
Мрѓа: Кога на почетокот на 20-тиот век, Клара Цеткин и Роза Луксембург застанале на чело на првиот меѓународен марш на жената во борба за право на глас, сигурно не ни сонувале дека во време на напредна цивилизација и глобализација, кога светот треба да го живее „плодот“ од нивната борба - сè уште политичките елити во одредени земји ќе зборуваат за обврзувачки квоти за учество на жени во политиката и тоа само и единствено како бројка која во Собранието ќе го стисне зеленото копче. И ако обврзувачките квоти за Собранието се задолжителни, па понекојпат жена и ќе се прошета до собраниската говорница – на локално ниво сосема друга реалност од 206 кандидати има вкупно 15 кандидатки за градоначалнички – премалку!
Дури ни тезата дека во земја во која како клучна улога на жената и се препишува, домаќинската, а токму „домаќинка“ најдобро би домаќинувала со општина, не дава резултат.
Микро сликата наречена–кандидатури за локални избори е само рефлексија на она што реалност во целото општество - страв од успешни жени. Но, освен пополнувањето „дупки“ во обврзувачката законска бројка, она што е вистинската болка на македонското заболено општество е тоа што учеството на луѓе во политиката се гледа врз призмата на родова, етничка, партиска застапеност, а не по правилото- избор на професионалци и луѓе способни да работат или пак да не работат некоја работа најдобро што можат.
Женски Магазин: Каква е според вас, перцепцијата за личност на јавна функција од аспект на родовата припадност?
Мрѓа: Зад секој успешен маж стои жена - во оваа реченица, или ако сакате поговорка, која за мене е исклучиво дискриминациска, за жал стои целата вистина, би рекла, за општо прифатениот став -можноста жена да биде носител на јавна функција.
Жената мора да биде дама во јавноста, домаќинка во кујна и добра љубовница во спална. Толку!
Како носител на јавна функција може да биде единствено добра заменичка, лидер тешко!
Најдобар доказ е тоа што во 26 години независност Македонија немала жена на највисоките функции во државата, (претседател, собраниски спикер, премиер, градоначалник на град Скопје), а ретките обиди како тој во 2008-та беа проследени со коментари што знае жена како да води држава. Ако најсилната држава во Европа и една од најмоќните во светот, може во три мандати да ја води жена и да и веруваат и да седи на маса со светски лидери, може и Македонија.
Искрено, јас проблемот освен во општествените стереотипи, ставовите на партиските „султани“, го гледам и во самите жени. Мора најпрво тие да се изборат со стереотипите сами за себе, а потоа и со стереотипите на општеството. Верувањето во своите способности, макар било сфатено и како ароганција, дрскост, или пак „правење штета“ на некоја кауза во одреден момент, мора да биде женскиот императив.
Изговорите, како „моето време ќе дојде“ никако не смеат да бидат алиби за молкот на жената која е способна да даде повеќе отколку што некој решил дека може.
Ако можеле Клара Цеткин и Роза Луксембург, можат и денешните жени на модерниот 21 век.
Женски Магазин: Дали повеќе се верува на припадниците на „посилниот пол“?
Мрѓа: Апсолутно. Стереотипите дека по автоматизам „посилниот“ пол е и попаметниот е прифатено речиси како апсолутна вистина. Еве, земете го последниот пример – главна дебата за кандидатката за градоначалничка за град Скопје е дали била дотерана или не и како изгледала. Никој уста не отвори за тоа што таа го зборува, предлага, колку некој предлог е паметен или пак не, дали може да и се верува. Сепак во ова тмурно сивило, зрак надеж гледам во случајот со трите обвинителки од СЈО. Тие ќе бидат силен потрес да се урнат македонските стереотипи. Луѓето им веруваат на „специјалните“, иако сигурна сум дека обидите да се дискредитираат, но и со тоа да се омаловажи нивната способност и професионалност, ќе беа помали ако беа мажи. Но, тоа не смее да биде исклучок, туку само почеток, иако малку задоцнет. Никулците на родовата демократизација, мора да се одржуваат за да бидат трајни, а не со рок на траење, а за тоа целото општество мора да покаже поголема свесност. Се плашам дека сè уште сме далеку од овој тренд.
Женски Магазин: Можат ли дамите да бидат еднакво умешни на градоначалничката функција? Какво е вашето искуство како новинар? Дали дамите на оваа функција биле подостапни и поодговорни во однос на граѓаните и медиумите?
Мрѓа: Секако, жените можат да бидат добри во се што прават и повеќе од мажите. Иако умешноста да се биде реално добар или пак не во работата која се работи, нема врска со родовата припадност. Туку со образованието, знаењето, трудот, посветеноста, професионалноста, кои сами по себе не смеат да бидат заменети со партиското полтронство. Карактеристики кои ретко се гледаат на македонската политичка сцена. Таму недостига во изобилие политичка култура. Особено што јавната функција се третира како подарок од лидерот, дури и за оние функции за кои кандидатите ги бираат граѓаните. Ако не ја предложил лидерот, немало да биде ниту да доживее да биде избрана, а самата да се предложи не доаѓа предвид.
Па така избраната функционерка (во случајот градоначалничка) прво полага сметки пред лидерот (кој секако е маж, бидејќи во земјава, поинаку за жал „не може“ да биде, освен еден исклучок во минатото), а потоа и пред граѓаните.
Македонија за жал сè уште чека носител на јавна функција кој ќе блесне од воспоставениот партиско -политички жабарник.