“Те сакам до небото и назад”

Добивај вести на Viber

Има ли мерка за љубов? знае ли некој како љубовта се мери еве, децата велат “те сакам до небото и назад” оти небото во детскиот ум е бескраен и некогаш се прашувам дали душата е поголема од небото та ми се чини оти мора да е оти во неа и небо збира сосе облаци и ѕвезди и сиот дожд сосе грмотевици и молњи а сепак поубаво ми звучи она “до небото и назад” оти тоа барем знам колку чисто е и оти тоа, детското небо е поголемо од душата на возрасните и затоа никому не верувам ама баш никому дека ме сака со кажана мерка небаре љубовта штоф е па од неа одело ќе скроиме или свечен фустан за забава небаре љубовта течност е та од неа ќе ги наполниме чашите за живели со непознати да правиме небаре љубовта храна на трпеза е та како на скап коктел ќе боцкаме и пребираме детската љубов таа кај тебе сакам да ја видам да ги рашириш рацете па да се премислиш и угоре да ги крениш и со чист глас да кажеш “те сакам Ано до небото и назад” и да се смееме небаре шега е а и обајцата да знаеме колку вистина има во детското поимање на љубовта колку вистинска љубов во неколку збора е збрано оти ко ќе не’ нема душата на истото тоа небо заминува токму на она, детското небо она небо до кое љубовта ми оди и повеќе не се враќа За женски магазин, поетесата Ана Бунтеска