Животна училница // Приказни
Тој, Таа и Тие
Додека разговараат, Таа ја прашува девојката:
- Ти се јавува?
- Да.
- Поздрави го. Не ти е непријатно да го поздравиш?
- Не, зошто да ми е непријатно? Ќе го поздравам.
- Како да го видам, дали… ќе сака? - полека прашува, ама добива шлаканица, од брз одговор:
- Таму кај што е Тој, тешки се средбите.
- Ах, младиве. Не умеат да подзапрат и на миг да излезат од нивната сурова искреност - помислува Таа и потонува во некое друго време…
- Отпатувавте некаде со мислите! Знам и каде. Не се грижете, ние постојано сме во контакт со него и неговите. Можно е набрзо да излезе. Ќе го вратиме во нови, поубави денови.
- Ах вие, деца забрзани, колку големи луѓе станавте – се насмевнува и Таа. Среќна е, затоа што постојат - Тие. Постојат другарствата, кои засекогаш ги поврзуваат оние кои некогаш растеа заедно…