Убави за око, лесни за употреба

Добивај вести на Viber

Конзервативната, патријархална општествена решетка им прави притисок и на жените и на мажи. Од мажите се очекува да бидат крути во изразувањето на своите емоции и слабости, оправдано е ако манифестираат промискуитетно однесување, пожелно е да бидат Казанова и да ја имаат контролата и моќта во свои раце. Како контрапункт на ова, од жените се очекува да бидат трпеливи, пасивни и субмисивни – барбики во розова боја. Холивуд и Боливуд градат митови за мажественост, се пакува како „мачо-маж“ – љубовник, номад, ловец, демек брутален, а нежен или, пак, суперхеројот, кој со мускули и физичка сила ќе го спаси светот.

Ваквите стереотипни сценарија ни се пресликуваат и низ македонските маала. Од друга страна, пак, медиумската репрезентација на жените најчесто е - убави за око, лесни за употреба! Родовото слепило е завиткано во свилени ракавици и многу пати (и несвесно) доведува до дискриминација. А секој вид на дискриминација е кршење на човековите права. Родовата нееднаквост е само еден чекор поблиску до насилство, а родово базираното насилство е сериозен проблем кој погодува една од три жени или девојчиња во земјава и светот. За жал, во 2017 година сѐ уште има луѓе кои мислам дека феминизмот е со поминат рок.

Има дури и такви за кои феминизмот е жени со мустаќи кои не можат да си најдат љубовник. Да не заборавиме дека феминизмот е политичка идеологија за рамноправен свет! Денеска, 25 Ноември, е Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жени и девојчиња. Денес започнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на ОН, која ќе трае до 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права. Фокусот на семејството на Обединети Нации е врз итната потреба од ратификација на „Истамбулската конвенција“ што земјава ја потпиша во 2011 година. Датумите постојат за да нè потсетат на историската важност на битките и победите, но преостанатите 365 дена во годината се вистинско огледало за рефлексија на родовата рамноправност во едно општество.

За Женски Магазин, Ана Јовковска, новинарка, авторка и активистка за женски права