Утринско кафе со Анета Додевска: Новинарството ми тече во вените!

Добивај вести на Viber

Утринско кафе со...
Ден по маратонско уредништво и водење на вести, земам здив. Утринско кафе и интернет вести. Звучи како клише, ама не е важно штом се ужива во тоа. И денеска поголемиот дел од денот ќе го поминам во редакцијата на Телевизија 24. Вообичаено, на уреднички колегиум го анализираме денот што помина, ги лоцираме грешките и го потенцираме она што било добро сработено. По утврдување на темите за денешниот ден – ги вклучуваме “моторите“. Координација, насоки, редактура на текстови, проверка на информации.. Размена на некој повисок тон, пофалби и критики, насмевки и намуртени лица – се во едно и од се по нешто - како во секое семејство, впрочем. Најважно – сите во функција да направиме објективни и професионални вести, онакви какви што гледачот очекува од Нас. Работниот дел од денот, во доцните попладневни часови ќе го продолжам, во кафеана :) Понекогаш (да не речам често) важни информации и вести се добиваат на неформални средби и состаноци. Можеби до виното е! И денeска, како и често во изминатите 20 години можеби првото видување со ќерка ми ќе биде во доцните вечерни часови, но, благодарна сум на Теодора која порасна со мојата професија, носејќи се со целата тежина на моето отсуство. Навечер ... е тука ми фалат уште барем два часа. За да поминам повеќе време со оние што ги сакам. Не може секој да “трпи“ новинар по дома, не се знае кога излегуваме а кога се враќаме.. Среќна сум што околу мене имам луѓе што ме трпат, зошто знаат дека новинарството ми тече во вени, тоа е мојот живот.