Животна училница // Приказни
Утринско кафе со др. спец. Злате Мехмедовиќ: Утрата се убави и кога се темни
Научив и една споредно важна работа изминативе 3 месеци, а тоа е дека утрата се убави и кога се темни. Моето утро започнува во 5 часот, а алармот од мојот телефон се нема огласено овие 3 месеци. Сепак, го засакав тоа ново искуство, уживам во тишината на утрата, тие се доволно тивки за да можете да ја слушнете и најтивката мисла, она мисла којашто во бурното секојдневие нема да допре до Вас. Сакам кога е тивко, мирно, се движам на прсти низ домот за да не ја разбудам мојата ќерка Митја, таа голема спанка. Со неа „се мачам“ малку подоцна, кога ќе треба да ја разбудам и да ја однесам на училиште:).
Кога ќе пристигнам на работа сакам да прошетам по скалите до мојата канцеларија, којашто е сместена на последниот кат во поликлиниката Бит Пазар, и речиси никогаш не го користам лифтот. Сакам да видам како е инсулинската аптека на приземјето, да видам колку пациенти има на првиот кат пред специјалистичките амбуланти, да видам како е раздвиженоста на администрацијата на вториот кат. Се трудам да го слушнам секој случаен глас што ќе ме пресретне, без разлика дали доаѓа од пациент или од некој вработен. Некогаш само еден збор е доволен да дознаете дали е се во ред, а тој глас на задоволство или незадоволство е како патоказ, од него дознавате дали сте на вистинскиот пат. Доколку не стигнам да го испијам утринското кафе со мојата сопруга Надица, нешто што беше порано вообичаена пракса, тогаш го пијам на работа. Сакам да пијам кафе, без шеќер, без млеко, без додатоци, за да го почувствувам едноставно баш кафето. Додека го пијам кафето, работам на мојата приоритетна листа, а на неа се наоѓаат средбите со стручната, правната, финансиската служба и секако средбите со вработените. Во Домот имам веќе 12 години работен стаж како лекар и знам колку многу значи му овозможите на секој вработен да биде дел од креирањето на работните услови и атмосфера. Кога ја добив одговорноста да бидам директор на Здравствениот дом на Скопје си ветив едно, а тоа е дека ќе изградиме „Дом на здравјето“ за сите вработени и за сите граѓани кои имаат потреба од него. А Домот е огромен, импозантен, со 58 објекти, во нив работат 1.200 вработени кои даваат примарна, превентивна и специјалистичка здравствена заштита 24 часа, секој ден од неделата. Чувар на здравјето на 700-тина илјади жители на градот Скопје и околните приградски населби. Првата линија на „одбрана“.
Ако денот во Домот е „порелаксиран“, задолжително посетувам некоја поликлиника, завод, проширена здравствена станица, за да видам како се задоволни пациентите, да го видам персоналот, условите во коишто работат. Таа посета често е ненајавена, а тоа ми отвора еден поинаков агол на перцепција на работите. Пладнето ми е резервирано за стручниот состанок со дел од вработените на кој ги решаваме секојдневните прашања. Го „рестартираме“ системот, затоа што утредента е добро да почнеме со најдени одговори. Се фокусираме на добар одговор, не колку е специфично пример некое прашање. И на крајот на работното време, кога сите ќе си заминат, кога телефонот ќе престане да ѕвони, во мојата канцеларија остануваме јас, и мојот спокој. Затоа што знам дека сме вложиле многу позитивна енергија за општо добро и дека „денес сме чекор понапред од вчера“. Уживам во тој спокој како во утринската тишина, тој ми дава некоја неверојатна дополнителна мотивација да сработам уште нешто, да направам нешто повеќе, нешто подобро.
Кога ќе се вратам дома, најчесто се рани вечерни часови. Тогаш телефонски ќе се слушнам со моите пријатели бидејќи ретко ја имам можноста да се видиме некаде „опуштено“. На нивното прашање „Како си?“ речиси секогаш одговарам „уморен“, а во себеси додавам „ама задоволен и среќен“. Задоволен затоа што и овој ден се посветивме на проблемите, среќен затоа што најдовме решение за нив. Си легнувам најрано што можам, затоа што знам дека утре додека сѐ уште е темно ќе ме разбуди алармот на тишината, а тој е неверојатно точен, секогаш ѕвони во 5 часот:)
Ви благодарам Женски магазин што ме почестивте со ова утринско кафе, и повелете на гости во Домот, убеден сум дека ќе Ви се допадне и кафето, но и енергијата којашто ја има во него. Ви посакувам здравје на сите, и бидете спокојни, Ве чуваме!
* др. спец. Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом