Утринско кафе со Ленче Карпузoвска: Ниту еден ден не ми е ист

Добивај вести на Viber

Будење некаде пред 7, се вклучува „автопилотот“, движење по инерција, брзи подготовки, за себе, за најмилите околу себе и речиси секогаш фали некоја минута повеќе… Да се излезе од таа рутина е невозможно, па затоа секојдневно се обидувам своите рутински активности да ги збогатам со навики кои ме прават жива, мотивирана, инспирирана, позитивна, подготвена за успех денес и секој нареден ден. Неопходна ми е циркулација, а ја постигнувам со кратки утрински вежби. Од пред некое време, моето прво кафе го заменив со богат појадок на кој многу му се радувам, оти не знам дали обврските потоа ќе ми дозволат да фатам редовен ручек. А првото кафе-тоа се минути за убава музика, убави мисли и убава слика за денот што ме чека. Со првиот чекор кон работа, претходно спакуваната агенда веќе ми сигнализира што, кога, каде, со кого… И стартува трката со времето и обврските. Работниот ден ми почнува со телефонот во една рака, кафето или „маусот“ во друга, прелистувајќи ги сите е-пораки, трчајќи по нив да одредам што е битно, а што може да почека…Прегледи на денот, извештаи од медиуми, анализи, барања, заклучоци и „флеш“ идеи за брзо постапување, сето тоа е веќе пред мене, а за некоја минута треба да биде споделено и со топ менаџментот. Тука некаде е и „to-do“ листата, спремна за состанокот со мојот тим. Кој, што, како. многу е едноставно кога се работи со одговорен и креативен тим кој меѓусебно се надополнува. Иако дел од задачите во одделот за комуникации се рутински, на поголемиот дел им претходат многу подготовки кои треба добро да се осмислат, испланираат и лансираат. Убавиот дел од денот ми се дискусиите со мојот тим, за секоја идеја, проект, за секоја активност, информација, организација на настан, дизајн, реклама, истражување, кризна ситуација или обична дискусија за некоја актуелна тема. И секако сакам да давам потврда за успешно завршена работа, нешто што на сите ни е потребно кога даваме сѐ од себе. Ниту еден ден не е ист. Колку и да те умори динамиката, кога искрено ја сакаш својата работа, секој нареден ден повторно си нов, високо со тонот на емоции, желен да придонесеш повеќе и повеќе. Тоа е најубавото во креативните професии како маркетингот и односите со јавност. Не сакам комфорна зона која лесно може да премине во „досада“. Денот ми е исполнет со многу контакти и состаноци внатре и надвор од компанијата, во работно време и после тоа. Всушност, во мојата професија нема работно време, има безброј предизвици со кои мора да си подготвен да се справиш во кој било момент, дури и кога не ти е до тоа. Притоа се трудам да избегнам секаков вид на конфликт и стрес, а кога се тие неизбежни, го вклучувам алармот за толеранција, трпеливост, флексибилност. Паралелно со работата која понекогаш си ја носам и дома, секогаш посветувам време за моите најмили. Тие се над се претходно кажаното… тие се суштина, невидлива сила која те воздигнува и те смирува истовремено. Сакам дружење, игра, интеракција. И во сето тоа спојување на семејството, работата и пријателите, наоѓам и време посветено само на себе, без оглед дали е нешто за читање, за слушање или време посветено на психофизичка нега. Ја сакам топлината во домот, и кога е смеа, и кога се учи, и кога е гласно, и кога е тивко, и кога уморот те совладал, а велиш, „не спијам мамичка, само си ги одмарам очите“. И токму кога мислиш се завршило, повторно некој звук од мобилните уреди - пораки со нови извештаи, сумирани прегледи или актуелна ситуација. Се е ок, а ако не е, ќе се реши. Секако следи самопотврда за успешно завршен ден и убава мисла за следниот. И светлата може да се изгаснат.