Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Татјана Лопарски: Трчањето ме смирува
Ранобудник или зависник од трчање, едно е сигурно секое утро 5.00 – 5.30 сум будна. Утринско трчање на температура идеална за мене. Додека трчам, размислувам за денот што ме чека и за викендот каде повторно ќе трчам.
Атина 10 километри како дел од најголемиот настан во атлетиката. Додека трчате имате време за себе, за поминување низ глава на сите планови, на нови идеи. Во моментов додека го раскажувам ова, размислувам дека во последно време се некако се наоѓам во друштво на луѓе кои имаат страст кон трчањето и речиси сите од нив, работат стресна работа. Мислам дека трчањето ми помогна многу не само за физичка кондиција, туку и за исфрлање на негативната енергија што секој од нас секој ден ја „собира“.
Дома почнува денот со подготовка на ќерка ми за училиште, разговори и испрашување пред почетокот на нејзиниот ден. Како расте секој ден така сфаќам дека годините летаат, а љубовта на мајката кон своето дете секој ден е поголема. Потоа следува нова тура на моја подготовка за денот што ме чека.
Тимот на работа е одличен и веќе неколку години беспрекорно функционира, тоа ми дава големо олеснување да се посветам на големи проекти. Состаноци, планови, стратегии, но за мене најчеста работа е превенирањето на кризи во комуникацијата. Во меѓувреме и менаџирање на нови проекти за следната година. Ноември и декември се месеците кои се финализираат планови. Денеска е денот и кога заминувам за Атина каде ме чекаат моите пријатели кои ги немам видено неколку месеци. Следува интересен викенд.