Утринско кафе со Татјана Стојановска: Вестите ми го диктираат денот

Добивај вести на Viber

Поради тоа што работниот ден ми почнува после 14 часот, станувам некаде околу 9 часот, што е привилегија да не те буди аларм рано наутро. Пиејќи го првото кафе го правам планот за денот. Првата задача ми е да го средам станот, да пазарам и да зготвам ручек. Откако ќе ги завршам тие обврски, одам на втората задача - подготовка за на екран. Изгледот е составен дел од мојата работа па затоа пред да отидам во телевизија, час или два пред тоа излегувам од дома и одам на фризер, шминкер, земам гардероба и се подготвувам за работните обврски. Во 14 часот веќе сум на работа и се подготвувам за вестите во 15 часот. Ги гледам текстовите, ги коригирам и во 15 часот влегувам во студио. Следните вести ми се во 18 часот и денот ми завршува со последните вести околу 22 часот. По завршувањето на работните обврски се прибирам дома доцна навечер и денот го завршувам во релаксирање со некој филм и во разговор со моите домашни за тоа како им поминал денот. Слободен ден може да имам и во средина на неделата, а да работам за викенд или празник. Овој ритам го имам цел мој работен век и не знам како е да се биде со работно време од 8 до 16 и со слободен викенд и празници. Ова има и позитивни но и негативни страни. Но, таква е нашата работа. Вести има и за викенд и за празник. Среќа што моите домашни се навикнати на овој мој ритам и се приспособуваме некако да отидеме некаде во викендите кога не работам. Но затоа пак кога сите работат во работните денови ја имам можноста да појдам во парк или на Водно и да уживам во природата без многу метеж.