Учителка, втора мајка или вреќа за истурање родителски бес?

Добивај вести на Viber

Со убавини во душа ја паметам мојата учителка Голабе. Не ми беше прва по мама. И пред неа во градинка, имав мајки на замена. Една од нив, сè уште ја гушкам, секогаш кога ќе ја сретнам. Имав среќа, сите учителки да ги доживеам како мои. Ме сакаа како мама. Многу професори, наставници потоа чекореа во мојот живот, но во сеќавањата остана моите Голабе и Маре. Учителките се навистина први по мама, баба, тета… кои се само и единствено наши. Не потсетуваат на семејство. Првиот контакт во училиштето започнува со учителката. Таа со насмевка не чека, го прифаќа нашето раче и го смирува полуденото и возбудено срценце, кое лупа како да не нападнало некакво си чудовиште.Учителката ни покажува каде да седнеме, ни дозволува да ја извадиме омилената играчка која силно во грч ја стискаме во рацете. И додека со очињата бараме каде е мама, таа почнува со нејзините приказни. Има нешто смирувачки во тонот со кој ни се обраќа. Учителките се нашите супер жени. За секој од нас, го знаат името и роденденот, родителите и работите кои ги сакаме. Знаат да ни укажат кога грешиме, но и да не пофалат. Многу ретко се лутат, а кога тоа се случува, најверојатно има силна причина. Времињата се менуваат. Учителките остануваат исти, онакви како ги паметиме како првачиња. Oва ново време сепак донесе промени. Ние пораснавме. Престанавме да ги учиме децата да се бранат, а да не напаѓаат, го толерираме кај децата она што на туѓите, никогаш не би им го дозволиле, се караме на родителските средби, се наметнуваме чие дете е подобро, се жалиме на други деца и родители, а притоа се правиме слепи и невешти, кога ќе забележиме дека некое дете е злоупотребувано дома или тука во училиштето од децата кои со него ја делат истата училишна судбина. Критиките како родители тешко ги прифаќаме, небаре ќе ни се сронат бисерите ако признаеме дека сме погрешиле. Нема ништо полошо од разбеснети родители кои ги бранат своите агресивни деца, тврдејќи дека се невини, само малку си играле, па го удриле другарот, иако оваа епизода има веќе 10 епизоди. Такво е времето во кое живееме. Во ова време доаѓаме да се расправаме со учителката, мавтајќи и пред очи како смее да го земе скапиот мобилен телефон од рацете на детето. Во ова време учителките се изложени на родителско незадоволство. Лесно стануваат поле за бес. Понекогаш дури и децата им се обраќаат непримерно, користејќи го она што го слушнале дома. Од некои работи тешко се бега, посебно кога децата се само огледало на домот. Тогаш сите надворешни се непријатели, така вината полесно се лоцира. Не во нас. Ние сме безгрешни. Дали ова може да се смени? Да, јас сѐ уште посакувам моите деца, и не само моите, да имаат учителки како мене. Токму и затоа, за доброто на нашите деца, да пробаме да се смениме. Никој нема да ликува. Затоа што сите си ги сакаме децата. За нивно добро, мора да сториме сè, па дури и да ги исправиме нашите грешки. За Женски Магазин, Вики Чадиковска Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин