Понеделнички муабет со Ана Бунтеска // Понеделнички муабет со Ана Бунтеска
Љубов ли е ова или панаѓур?
Станав роб на сликата за љубовта која е токсична за личноста која се борев да станам и сум. И не! Никој не ми е виновен за тоа. Не прифаќајте панаѓур наместо љубов!
Децата ги делиме уште од раѓање.Девојчињата играат со кукли, а машките со пушки. И никако поинаку! Не смее да се прави од нежните женски деца-“машкоданки”, ниту од машките-“женско петле”. И така врват годините. Девојчињата ги повиваат и преповиваат Барбиките, машките борбено се раскваруваат во колениците. Мисијата е завршена, сите среќни и весели!
Уште од мали ги предодредуваме за она што ги чека во животот. Жените да се грижат за семејството и да молчат, а момчињата да тропаат со рака на маса и да заплашуваат. И отпосле нештата стануваат кошмар.
Научената матрица на однесување и справување со нештата ни се удира од глава.
Синот на тато е вреден за почит ако не плаче и ако ги прикрива емоциите (оти нели, тие се резервирани за жените), а мамините девојчиња се прекрасно воспитани ако наизуст знаат барем 40 сложени рецепти за предјадење, главно јадење и неизбежниот десерт.
Е сега, нештата полека почнаа да се менуваат. Стануваме рамноправни (зборов ич не го сакам), печалиме пари колку што печалат и нашите драги партнери и сопрузи, знаеме што сакаме и спремни сме да се бориме за тоа.
Паметам кога одев на интервјуа за работа. Скромно облечена, со идеали дека мојот англиски и познавањата на компјутери се сосем доволни за да влезам барем во потесниот избор. И секогаш, работата ја добиваа кандидатките кои беа под полна опрема со шминка и облека која тешко да ќе можеше да се нарече пристојна.
Научената лекција дека е доволен изгледот за да се добие посакуваното работно место, функционираше.
Толку добро, што мојата фрустрација беше на завидно ниво. Жените го прифаќаа она што беше наметнато од целото општество.
Идејата беше да се омажат добро (што и да значи тоа), да родат барем 2 деца (оти така треба), да бидат успешни домаќинки и просечни на работните места. Полесно беше да се прифати она што беше “нормално” во тоа време, отколку да се изборат за нешто повеќе и подобро.
Новите генерации жени се повеќе свои. Имаат остар ум и не им треба потврда од тој до нив дека се достојни за почит, или дека облеката добро им стои.
Каде е тогаш конфликтот?
Зошто во 21 век уште се бориме за нешто што ни следува природно?
Тешко се излегува од рамките. Тешко се напушта она што е длабоко вкоренето во сите пори на општеството. Сексистички забелешки за изгледот (уф, види каков задник има мачето), омаловажување на трудот (со неибежното прашање на работодавецот “а планираш бременост наскоро?”), третирање на жената како сексуален објект (не, не ми е идејата да ми седнеш на маса ако пијам сама кафе или ручам во некоја кафеана!).
Ако ништо друго, барем свеста е подигната за да може жената да го пријави секое физичко малтретирање и да стави крај на истото. Но, што правиме со другите видови насилства и злоставувања?! Емотивно, психолошко?
Ајде да зборуваме за љубовта. За тоа колку знае да биде слепа и глува. За тоа колку (по сопствен избор) оглупавуваме и стануваме жртви на нешто што е се’ освен љубов.
Како нешто што треба да е полно нежност, почит и разбирање, станува стапица за психолошко и емотивно насилство?
И како една успешна и самосвесна жена станува жртва на сопствените емоции!
Кога почнав да пишувам (она што сите го нарекуваат поезија, а јас не знам како да го наречам) бев спремна и свесна дека животот си го ставам на хартија.
Бев спремна дека ќе ве пуштам да ми ѕирнете во приватниот свет, каде што ќе ве пречекам соголена. Некогаш велам дека угол гола да прошетав низ Скопјево, ќе бев пооблечена од тоа колку се имам соголено на хартија.
И она што сега го пишувам за мојот и ваш магазин ќе е исто толку со соголување како и во книгите. Нема да ви раскажувам дека на некоја некогаш и’ се случило ова или она. Ќе зборувам за моите искуства и примери, болки и разочарувања. На сета самосвесност и држење до себе, кикснав и јас. Ете, го кажав!
Емотивно и психолошко насилство...или за да не звучи толку страшно, ќе го наречам манипулација. Ретко се вљубувам, ама кога ми се случува, немам усул. И да, тргам од себе дека сум чесна во она што го кажувам и давам. И да не се лажеме! Јас (освен за ќерка ми и за родителите), не можам да кажам дека немам очекувања од љубовта
. Имам...и тоа големи. Очекувам да ми биде јасно и гласно кажано што некому не му се допаѓа, очекувам љубов и поддршка, очекувам разбирање и почит, прифаќање (не нужно и сложување) на моите ставови и борби.
А најмалку од се’ очекувам дека мојата љубов ќе е средство и начин за манипулирање!
Синдромот на Мајка Тереза (оти и јас играв со кукли) не ме оправдува за она што сум си дозволила сама на себе да ми се случува. Свесноста дека наседнувам на одредени манипулации, не значи дека нештата се смениле веднаш.
Некогаш свесно го одбираме она што е лошо (а ни е познато и знаеме што следи), отколку да застанеме и да тргнеме по некој нов пат (кој сам по себе е опасен, оти е непознат).
И под превезот на љубовта, станав нешто што не сум и го презирам.
Станав слабак во играта “ти си виновна и сега мене ми е лошо, пијам апчиња и алкохол заради тебе”, “не ти стои бојата на коса”, “повеќе ми се допаѓаш без шишки”, “поубава си кога ќе се облечеш поинаку”. Заборавив која сум! Заборавив на себе и на своите потреби.
Станав роб на сликата за љубовта која е токсична за личноста која се борев да станам и сум.
И не! Никој не ми е виновен за тоа. Уживањето во самотијата се претвори во страв од истата. Анксиозност, умор, стравови...стравови, додека еден ден не ми светна дека најмалку што сакам во животот е да дадам пример на ќерка ми дека е во ред да биде сенка од она што е, за да биде сакана. Оти најодговорно тврдам дека тоа не е љубов, туку болна потреба да се допаднеме некому.
Таа Ана ја оставив зад себе. Не ја закопав, за да ме потсетува дека и покрај силата која бев убедена дека ја имам за да не си дозволам да бидам емотивно манипулирана, потклекнав!
Не прифаќајте панаѓур наместо љубов! Не прифаќајте ништо помалку од она што длабоко во себе знаете дека го заслужувате. Осудата од неважни луѓе, стравот затскриен зад “ама детето”, уплавот од “сите имаат некој, само јас сум сама”, нека не ви биде камен од кој ќе се сопнувате.
И запамтете...никогаш не сте сами, додека се имате себе.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска