Животна училница // Приказни
Тања Кармзова Костиглиола: Љубов на вересија
Не залажувај ме...
Никој не љуби туку
- така...
Ни јас не те сакам
гратис...
Нити за една
благодарност,
што ја немаш
евидентирано
во твојот разговорник.
И воздухот не е
бесплатен.
Сните скапо чинат.
Амбициите до коски
соголуваат.
Во овој свет на зумирачки
огледала
делата ни се одразуваат
со астрономски размери,
но оној кој е наспроти
не го гледа вајаното
сребро,
туку маленкоста прецртана
во зениците на другиот.
Љубовта моја ти беше
позајмена
и уште си во долгови.
Тефтерот е близу до
крајот,
мастилото разлеано на
дното
на кристалното капаче,
перото, од раздразнет
паун, омекмато.
Уште многу ќе ми
должиш,
нечесен плаќачу.
За подмирување на
вересии
совест треба.
А ти ја немаш за да ме
ослободиш
од плаќање глоби.
Јас, пак, ја немам
чистината
да го побарам
она што неуморно, ненаситно
и бескрупулозно го крадев.
Би побарала прошка,
но не чувствувам вина.
Заборави на сметките!
Дојди на една чаша вино,
берба1989.
Во виното е вистината,
но не и спасот.
За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола