Интервјуа // Интервјуа
Љубопитноста води до креативност
Некои приказни се мошне инспиративни. Таква е приказната на Ленка Ѓоргоска која е дипломиран професор по географија. Вработена како наставник во ООУ "Вера Циривири-Трена“- Скопје. Таа својата професија ја надополнила со интересно хоби-изработува честитки.
„Љубопитниот и истражувачки дух кој од секогаш го имав ме водеше кон тоа да ја изберам оваа професија. Од секогаш сакав да патувам, откривам, да експериментирам. Работејќи со учениците на различни изработки и проекти, доаѓав во допир со различна креативност, различни материјали и техники на работење. Така и се охрабрив да започнам“ - ни ја раскажа својата убава приказна Ленка.
„Ако нешто сакаш, тогаш и можеш и да го направиш, зошто твоето срце кажува како. Сакам музика, сликање, вешта сум во кујната и сè што е поврзано со креативност. Најмногу сакам да изработувам картички, за кои секогаш сметам дека се дел од мене.“- додава искрено.
Женски Магазин: Што Ве инспирираше да почнете да изработувате честитки?
Ѓоргоска: На почетокот моите картички беа само цртежи кои при превиткувањето на половина, личеа на сликички - минијатури. За прв пат ги забележа сестра ми и ме замоли да ѝ подарам една. На картичките полека почнав да додавам елементи од хартија, дрво, готови апликации и др.… Со време стануваа сè поубави.
Женски Магазин: Како изгледаше Вашата прва честитка? Кој ја доби и каква беше реакцијата?
Ѓоргоска: Првата вистинска картичка ја доби мојата сестра. Тоа беше вазна полна со цвеќе. Таа беше воодушевена.
Женски Магазин: Со кои материјали најчесто практикувате да работите?
Ѓоргоска: Користам различни материјали како: текстил, хартија, модни картони, специјални хартии за картички. Од лепила користам томбо, дуплофани, силикон и др.
Женски Магазин: Колку време Ви треба за да изработите честитка?
Ѓоргоска: Времето за изработка најчесто зависи од тежината на изработката, но и од тоа колку елементи се внесуваат. Потешките може да ги работам и 4-5 часа. Ако апликацијата сама ја правам, тогаш трае подолго време, а ако се готови форми кои ги добивам со печатење или со перфоратор во форма, тогаш изработката е побрза.
Женски Магазин: Дали својата креативност ја споделувате и ја пренесувате на вашите ученици?
Ѓоргоска: Многу често со моите ученици правиме изработки со кои одбележуваме празници или значајни настани. Со нив ги споделувам претпразничните денови како инспирација за да создадеме нешто интересно. На пример: Велигден, Нова година, 8ми Март и др. Мислам дека тие најмногу се радуваат кога ќе видат што изработиле. Обично нивните коментари се: Ова ми е најубавото нешто што сум го направил.
Женски Магазин: Дали сте размислиле да направите изложба?
Ѓоргоска: За изложба, сè уште не сум размислувала.
Додека госпоѓата Ленка Ѓоргоска ви ги понуди своите дела на изложба, ние ќе бидеме излогот каде ќе ја забележите нејзината креативност.
[gallery size="full" link="none" ids="1823,1822,1821,1820,1819,1818,1817,1816,1815,1814,1813,1812,1811,1810,1809,1808,1807,1806,1805,1804,1803"]
За Женски Магазин, Вики Чадиковска