Цел живот во еден ден: Безвременската приказна на Елени Каринте и Кемал Ататурк
Оваа безвременска
приказна зборува за предизвиците кои ги условува забранетата љубов. Мора да е
тажно, за да знаеме дека било вистинско, па така љубовта отсекогаш го барала
својот единствен дом, една душа сполотена од двајца. Но, понекогаш и тоа не е
доволно.
Вистинското време значи се’ за љубовта. Кога тоа нема да се погоди, единствено ни остануваат малите моменти кои се повечни од неа. Цел живот во еден ден е приказна за една љубов која траела само еден ден, а доволно силна да остане жива засекогаш.
Елени е ќерка на трговецот Ефтим Каринте. Нејзиното семејство било едно од најбогатите битолски семејства кои со другите семејства од тој ранг го диктирале општествениот и трговскиот живот во Битола во последните децении на деветнаесеттиот век. Куќата на Каринте се наоѓала на Широк Сокак кој бил центар на сите збиднувања.
Нејзината прва средба со Мустафа била кога таа имала само десет години. По некоја случајност, младиот Кемал се нашол во огромната куќа на Каринтиеви на некоја богата прослава. Елени пред него засвирела на домашниот клавир за да покаже што ја научиле француските учителки коишто ѝ држеле часови по пијано. Кемал се враќа во Истанбул за да го продолжи своето образование на Воениот колеџ со еден убав спомен и мелодија која одѕвонува.
Седум години подоцна, Кемал се враќа во Битола за да раководи со Воената Гимназија. Еден ден, на балконот од куќата во која бил пред седум години ја здогледал Елени.
Времето во кое живееле и средината која диктирала општествени и морални норми никако не одобрувала врска меѓу христијанка и муслиман, но Елени сепак побегнала за Кемал. Богатото семејство Каринте успева да ја врати Елени дома и да ѝ ја одземе љубовта која за многу кратко ја имала толку блиску.
Семејството ѝ договорило брак со Тоде, кој добил дури 900 наполеони мираз. Но, бракот не се реализирал, бидејќи Елени побегнала во Лерин.
Кемал пак, се враќа во родната Турција. Станал прв претседател на Турција, творец на модерната турска држава, поради што го добил името Ататурк, татко на нацијата. Се оженил со Латифе Ханам, но бракот траел само две години.
Ататурк и Каринте не се сретнале никогаш повеќе. Останало само писмото кое Елени му го напишала на својот сведок, како сведок на една тажна љубов…
„До Кемал Ататурк,
Некаде и некогаш !
Поминаа толку години, а јас ете уште секој ден чекам абер од тебе. Ако некогаш го добиеш писмово, сети се, види ги солзиве на хартијава… Годините си врват. Овдека се зборува за тебе. Нешто се случува. Ако ги читаш овие редови додека љубиш некоја друга жена, искини го писмово и прашај ја неа дали верува дека некоја си Елени Каринте од Битола го поарчила цел живот за еден човек со кого била само еден ден. Ако ја љубиш неа, како што јас те љубам тебе, не кажувај ѝ ништо, нека биде среќна ако си и ти. Ако, пак, уште ја паметиш девојката од балканот и не љубиш друга, знај дека те чекам. Ќе те чекам секој ден, цел живот… Знам дека ќе се вратиш, дека не си заборавил.
Татко ми умре. Има веќе цела година. Тој ден кога ме грабна од тебе, ме заклучи дома. Не ме пушти цел месец. Не плачев. Знаев дека џабе ќе се сите катанци и затвори. Човекот со кој тој сакаше да се земам го видов само еднаш. Ме праша дали некогаш ќе можам да го љубам… му реков: не! Си го љубам првото либе. Повеќе не го видов.
Татко ми никогаш не ми прости. Ни јас нему. Неколку дена пред да умре ме викна кај себе и ми рече: Знам дека згрешив, но знам и дека никогаш не бев добар татко. Не барам да ми простиш, не барај ни ти! Бог нека ни прости на двајцата. Сакав најдобро, а направив најлошо.
Татко ми не беше лош човек!
Не сум веќе млада и убава како тогаш.
Цел живот во еден ден…
Вечно те сака и секогаш ќе те чека
вечно твоја,
Елени Каринте“