10 совети за доење за сите мајки од специјалистот Наташа: Доењето навистина е една општествена одговорност
Секоја година првата недела од август во светот е резервирана за подигнување на свеста кај општеството за прекрасниот чин на доење. Светската здравствена организација препорачува ексклузивно доење за првите 6 месеци од животот потоа се препорачува доенчињата да започнат да јадат безбедна и соодветна комплементарна храна и да се продолжи со доење до 2 години и повеќе.
Наташа Цветановска Тодосовска, и оваа година заедно Јасна Апостолоски-Николов од „Здраво бебе“ организира програма со активности кои имаат за цел да понудат поддршка, сигурност и едукација за родителит- под слоганот „Да го овозможиме доењето, да им помогнеме на вработените родители“.
- Оваа година, трета по ред, активно ја славиме светската недела на доење, со овогодинешниот слоган „Да го овозможиме доењето, да им помогнеме на вработените родители“. Иако годинешниот слоган има за цел да даде еден критички осврт на самото системско уредување во земјите, почнувајќи од како е регулирано породилното отсуство на родителите, како е законски заштитено правото на мајката да дои и детето да биде доено, сѐ со цел да се обезбедат услови на работното место на мајката да може без проблем да го дои своето бебенце/детенце.
Иако оваа тема е и те како важна во нашата земја, не можевме целата програма да ја насочиме само во тоа поле, знаејќи колку нашите семејства се борат со секакви предизвици во доењето, уште во самите почетоци. За многу семејства кај нас самото стигнување до точка „враќање на работа и доење“ знае да е навистина голем предизвик, па заради тоа, нашата програма годинава решивме да ја прошириме низ цела недела, нудејќи работилници и едукација која го покрива секојдневието на семејствата од моментот на раѓање на бебенцето, па речиси сѐ до неговиот прв роденден!
Бидејќи, да бидеме искрени – доењето е флуидна врска, не сме го „успешно решиле“ само затоа што сме успеале во првиот месец бебето да ни е на ексклузивно доење. Таа флуидна врска се менува како што расте бебето, се соочуваме со предизвици речиси сѐ до самиот престанок со доење. Токму тие предизвици, доколку не располагаме со едукација, можеме погрешно да ги протолкуваме, и да си направиме поголем проблем со доењето, иако иницијалниот проблем бил навистина лесно совладлив.
Секој месец, секој ден носи нов предизвик. Па, што е во нашите можности, сакаме да им го предадеме на семејствата – знаењето, информациите, кои во многу ситуации можат да се клучни за справување со предизвици во нивното секојдневие.
Секако, остануваме и гласни за сите општествени предизвици, како што е токму овогодинешното мото на WABA. И тоа се прашања кои мораме да ги освестиме како општество – како да се помогне на семејствата, каква поддршка им е потребна, дали е тоа услови на работното место за измолзување, за складирање на млеко, приватност, пумпа, можеби е тоа обука за мајката како најдобро да се организира да може да се врати на работното место, а истовремено да продолжи да се грижи за своето дете онака како што сака. Или пак тоа е кревање на свест за доење во јавност, можност за пресоблекување на бебињата во јавност и сл. Бидејќи доењето навистина е една општествена одговорност – не е на едно микрониво резервирано само за семејствата.
Затоа, оваа недела пробуваме да сме најгласни. Но, мора да се освестиме дека не е само оваа недела. Потребата од поддршка не се задоволува во една августовска седмица. Затоа, нам ќе нѐ најдете активни во текот на целата година!“ - објаснува во детали Наташа.
Со нашите читателки сподели и десет совети кои би требало да ги знаат сите мајки, пред да станат мајки:
- Бидејќи и јас сум мајка, а и работам секојдневно со семејства, овие неколку „совети“ би сакала да ги споделам со сите, земајќи во предвид дека се најчестите коментари кои ги добивам од семејствата со кои работам.
1. Фразата „доењето е инстинктивна, природна работа“ не подразбира отсуство на влог и трпение, ниту пак гарантира леснотија и едноставност. Инстинктот ја отсликува желбата и потребата, а реализацијата секогаш бара напор и едукација.
2. Едукацијата за доење најчесто е оставена на самото семејство. Наивното размислување дека сите добиваат поддршка уште од самиот момент, на жалост, е далеку од реалноста.
3. Туѓите искуства за доење не се репер како доењето треба да изгледа и за вас. Пред сѐ, затоа што се работи за различни мајки, различни бебиња, различна анатомија, различни околности во кои се наоѓаат, а и различни цели. Заради сето тоа, не смееме да се споредуваме со другите семејства и нивните рутини во доењето.
4. Успешно доење не подразбира отсуство на било каков проблем. Ако има проблем, не значи дека нешто не е во ред со вас. Значи дека ви треба поддршка како да се справите со истиот.
5. Успешно доење не подразбира бебето никогаш да нема добиено формула, да е ексклузивно доено до немлечна дохрана и сл. Успехот е директно поврзан со остварување на одредена цел, која е различна за секое семејство.
6. Доењето вреди да се заштити, дури и ако е цело време поддржано со дохранување со формула. Не смееме да бидеме ставени во ситуација да бираме „или-или“. Особено ако размислиме дека ексклузивното доење (времето кога можеби би ни била потребна поддршка од дохрана) трае 5-6 месеци, а самото доење како врска може да трае и повеќе години...
7. Доењето за бебето нема да е само начин на храна. Ќе биде начин на изразување потреба од допир, гасење жед, начин на смирување на емоции, сигурно место. И е во ред да е хаотично. Бидејќи потребата од љубов и сигурност не можеме да ја ставиме на распоред.
8. Иако формулата е многу присутна во секојдневието, не значи дека е релативно „иста по состав“ како мајчиното млеко. Погледнете го составот, и ќе видите колку всушност е различна. Многу семејства се изненадени од овој факт.
9. Доењето е многу тесно поврзано со емоциите, бидејќи е директно поврзано со секреција на хормони кај мајката и кај бебето. Често за време на бременоста, семејствата имаат рационални погледи за истото (во смисла, ако не успее, во ред – има формула), но, по породување, емоциите преовладуваат и се менува ставот за доењето – наеднаш мајката сака по секоја цена да дои. Сосема е во ред. Барајте поддршка да се справите со предизвиците. Бидете гласни.
10. Неуспехот во доење е најчесто одговорност и на системот, не само на семејствата. Секое семејство заслужува поддршка. Товарот од неуспех е преголем да биде оставен само на вашиот грб.
*Д. Караташова Илиоска