Утринско кафе со Наташа Ц.Тодосовска: Оние солзи и болки кои се скриени меѓу зборовите на мајките се оние кои треба да бидат чуени

Денот ми почнува поприлично хаотично. Стануваме сите и почнуваме со спремање – доручек, ужинка за на училиште, утрински витамини, облекување; прво излегуваат сопругот и ќерката кон училиште и работа, а потоа јас и синчето одиме во правец – градинка.

Тек откако ќе го оставам, доаѓам дома каде што наоѓам мало парче мир и тишина, и мојот ден конечно „започнува“. Средувам сѐ што останало од спремањето (бидејќи навистина уживам кога сѐ си е „на место“), и првото нешто што го правам е: јога. Ова е нова метода со која навистина ми се смени секојдневието; да се започне денот со смиреност и благодарност прави чуда во поглед на нашиот однос и нашата мотивација за справување со сѐ што ќе ни донесе денот. Потоа следува утринското кафе, кое најчесто го започнувам сама, но, знам да го завршам со некое виртуелно друштво – најчесто со сестра ми, или пак со мајка ми. И за тоа време се релаксирам со плетење.

Откако ќе ги завршам сите овие „обврски“ почнува мојот „работен“ ден. Работен е во наводници, бидејќи јас сум моментално на родителско отсуство, но, ако сум искрена – она што јас го правам сега бара од мене многу голем влог на време и енергија, најчесто и поголем во споредба со мојата претходна канцелариска работа која ќе завршеше откако ќе заминев од бирото. Започнувам со разгледување на планерот во кој ми се запишани сите обврски, и правам концепт на денот. Ако имам закажано советување (во живо или онлајн) со некое семејство, почнувам да се спремам барем 45 минути пред терминот. Разработувам предлог план, собирам корисни информации, линкови, и најважно од сѐ – се спремам психички за средбата. Секогаш се трудам да сум многу внимателна, да не поминам ничии граници на толеранција, да слушам со целото срце, да пробам да го слушнам она што се крие меѓу зборовите. Бидејќи досегашното искуство ми покажало дека оние солзи и болки кои се скриени меѓу зборовите на мајките се оние кои треба да бидат чуени и адресирани.

Останатиот дел од денот го користам за едукација. Во моментов сум во фаза на континуирана едукација од област доење и лактација, и тоа не само за да ги соберам потребните часови и кредити за да смеам да го полагам испитот – туку затоа што навистина ме интересира да сум во тек со сите актуелни истражувања, теми и настани. Не знам дали некогаш сте имале тема за која слободно можете да кажете „никогаш не ми е доста“. Од тука, се радувам на секоја нова книга поврзана со доењето – од било која област – дали било за оралните рестрикции како фактор, најразлични студии од област на лактација, а последна тема на истражување ми е примарен  и секундарен неуспех во воспоставување лактација – тема која се занимава со причинителите на пречки во производство на „доволно“ млеко. Не ретко знам да направам пауза со тоа што седнувам на моето пијано и одвојувам половина час во свирење.

Дел од денот се трудам да посветам и на сите семејства кои се дел од виртуелното катче на Инстаграм и Фејсбук, со тоа што споделувам постови со интересни факти за доењето, студии кои служат да се поддршка за родителите, одржувам Q&A за сите што имаат прашања на кои се трудам да дадам што поконкретен одговор (иако тоа не е секогаш можно). Се трудам да пишувам и на мојата вебстраница – целта ми е да го сменам погледот на чинот доење и да го доближам до она што отсекогаш веројатно и бил (врска пред исхрана). Се трудам да го сменам нашето ригидно гледиште во смисла „сѐ или ништо“ – бидејќи или се дои, или се суплементира. Комбинација најчесто нема, или ако има – многу често се одвива на начин кој го загрозува доењето... па движечка мотивација ми е заедно да го смениме тој пристап и да дадеме една нова димензија на чинот, што пак дава една нова димензија на начинот на кој ние се обликуваме како родители и врската која ја оформуваме со нашите деца.

Сето тоа речиси манично трае сѐ додека не чукне часот во кој морам да ги земам децата. Земањето на децата е ритуал кој најчесто трае час и половина – времето се разубави, па го користам тоа да прошетам низ овој град и иако сум му посвоено дете, да пробам да ја зајакнам врската и љубовта меѓу нас (не живеам во Македонија). Најчесто тоа е период кога слушам музика пуштена на најгласно, и заносно пробувам да се заљубам во старите градби на зградите, во истите оние пајки и лебеди во езерото кои ги гледам толку години; пробувам да се измешам меѓу луѓето, да најдам инспирација во непознатото, покрај секојдневната инспирација од моите дечиња. Ако успеам да најдам време, знам да излезам порано и да седнам покрај езерото да читнам по некој стих / расказ.

Потоа го земам малиот Оги Џиџи, со кој си раскажуваме приказни и како му поминал денот во градинка, додека не ја земеме дада Мила која речиси секој ден ја носиме некаде после училиште (музичко, танц, карате, македонско училиште, пијано)... Потоа доаѓаме дома, готвам (најчесто за два дена), и се собираме сите четворица за вечера... си го раскажуваме денот, и обавезно се трудиме да направиме барем една заедничка работа по желба на децата (која најчесто е забавна за сите) – една игра меморија, заедничко танцување, правење колачиња, играње чајанка, и сл... а потоа почнуваат ритуалите за спиење: туширање, миење заби и гушкање за добра ноќ.

Откако ќе заспијат децата, повторно „купувам“ малку од мирот и тишината кои овој пат ми ги нуди ноќта, каде што со сопругот довршуваме одредени домашни обврски, пишувам со семејства кои ми пишале лични пораки или кои имаат некаков проблем... и денот се заокружува со чај од праска и една или две кратки епизоди од некоја серија.

Освен за викенд. Тогаш се трудиме да поминеме повеќе време надвор и да ги слушаме желбите на дечињата – па најчесто полниме батерии на „пикник во природа“.

(*Наташа Цветановска Тодосовска, магистер градежен инженер и сертифициран специјалист за доење CBS)