Да доиме без страв, да доиме со љубов: Интервју со Наташа Ц. Тодосовска, сертифициран специјалист за доење

Доењето не е само храна, но милион емоции. На почетокот знае да биде болно, понекогаш е тешко, понекогаш исцрпувачки... но сите мајки доилки ќе потврдат дека секогаш, ама баш секогаш е едно посебно чувство на моќна врска меѓу мама и бебе.

Секоја година првата недела од август во светот е резервирана за подигнување на свеста кај општеството за прекрасниот чин на доење. Светската здравствена организација препорачува ексклузивно доење за првите 6 месеци од животот потоа се препорачува доенчињата да започнат да јадат безбедна и соодветна комплементарна храна и да се продолжи со доење до 2 години и повеќе. 

Едно истражување покажа дека две третини од мајките би биле посамоуверени и би се чувствувале поудобно во врска со доењето на јавно место ако тоа се сметаше за „нормално“. 

Тоа е само една од причините поради која, Наташа Цветановска Тодосовска, сертифициран специјалист за доење CBS, повикува да се заложиме  #ЗАЛОЖИСЕ за доење, и да се едуцираме како и да дадеме поддршка на сите семејства кои дојат. Можеби не ви е позната како Наташа, но доколку напишев „Доење со љубов“ веднаш ќе ви беше јасно дека станува збор за една инспиративна и храбра мајка која несебично секојдневно споделува свои совети и помага на мал милион семејства да ги пребродат предизвиците кои со себе ги носи доењето.

* За почеток запознајте ги нашите читатели накратко која е Наташа, од каде идејата за профилот @doenjesoljubov?

- Наташа е пред сѐ мајка, која пред речиси осум години прв пат стана родител и се сретна со доењето, и како и многу од мајките и семејствата кои „доаѓаат“ на гости во моето виртуелно катче, со новородено, првородено, имав милион прашања и предизвици околу доењето, кое, и според моето верување, требаше да биде нешто што едноставно функционира „самото од себе“. Ама ете, не било така. Ме чекаше предизвик кој ми донесе основна едукација, освестување, но, и многу љубов. Па спремна, полна самодоверба го пречекав второроденото мое бебе, кое требаше да ми донесе прекрасни мигови, „успех“ во доењето, уживање... иако ми требаше време да сфатам, од денешен аспект, мислам дека ми донесе и многу повеќе од тоа – нова дефиниција за успех и нова дефиниција за љубов, порив, метаморфоза во моето обликување како родител. Но, ми донесе и едно ветување – да направам нешто, за ниту едно семејство да не треба беспомошно да трага по релевантни податоци, и да талка како жртва на еден систем што не функционира. Па токму со таа намера се роди и моето катче, кое ја има токму таа единствена цел – да доиме без страв, да доиме со љубов.

* Како би го опишале Вие доењето, што за Вас претставува врската на детето и мајката со ваши зборови?

- Ова го одговарам како мајка – доењето за мене е љубов, храна, утеха, алатка со која родителуваме, сигурно катче за моето бебе/дете. Доењето не е само чин, доењето е начин – начин на комуникација, начин на воспитување. Доењето е природен начин да нашето тело уште го расте нашето новородено, на начин кој уште не го разбираме, но, е природен, спонтан, производ на еволуцијата. Доењето е еден цел интимен микросвет со повеќе слоеви. И сѐ додека го сведуваме на баналност, нема да успееме да го разбереме.


* Дали најмногу Ви се обраќаат прворотки ? Какво е Вашето искуство?

- Статистички – да, но, има и многу мајки кои ми се обраќаат и после одредено време поминато во доење – што е многу очекувано, земајќи во предвид дека доењето е една флуидна врска, се менува како што се менуваат и мајката и бебето. И бидејќи спомнавме дека доењето е, меѓу другото, и начин на комуникација, очекувано е да не остане непроменето во сите оние специфични мигови од растот на бебето (предизвици со забите, скокови во развој, промени во секојдневие, сепарација од мајката, и сл.).

* Со какви се проблеми се соочуваат најмногу мајките при доењето?

- Најчестите проблеми се на самиот почеток – да се воспостави доењето, да се надмине стравот дека нашето тело може да го направи она што треба за нашето бебе – да создаде храна. Овие препреки се очекувани и природни. Па тука доаѓаат оние општествени влијанија, кои имаат за цел да ја смират мајката – да ја уверат дека е сѐ во ред. Но, тие влијанија треба да дојдат од пријателки, мајки, баби, ... кои доеле, кои имаат искуство во оваа област, кои ги паметат предизвиците со кои се соочиле. Е тоа нам ни недостасува. Па, општеството всушност прави еден контраефект – уште толку го потпалува сомнежот кај младата мајка, кај таткото, партнерот, кај семејството. Споделувајќи го она што го знае – а тоа е најчесто еден шаблонски генерален пристап, знае да го одмогне тој процес, и комплетно да ја наруши таа врска меѓу доенчето и мајката. Пристапот дека хранење со шише е исто како доење, или пак, давање формула како метод да се зголеми лактација, без при тоа да има стимулација на градите – тоа се најчестите проблеми со кои се соочуваат мајките на почетокот. Но, најголемиот проблем е еден и единствен – нашите нереални очекувања за тоа како изгледа животот со едно новородено бебе. Како изгледа доењето, како изгледа спиењето, колку често треба бебето да цица. Па се гледа на часовник, наместо да се гледа што навистина се случува со бебето. Дали добива млеко. Значи гледаме некои шаблони, а сѐ што треба да направиме е да се погледнеме себеси, и да го погледнеме нашето бебе. Да се запознаеме. И да сфатиме дека за тоа треба време.

* Имам чувство како при првата препрека (плачење на детето, поради било која причина често се поврзува со глад) преминуваат на вештачка дохрана или воопшто се откажуваат од доење. Зошто? Каде грешат и како да им се помогне?

- И јас имам такво чувство. Во нашето општество бебето има „право“ да плаче за три работи: гладно е, пелената му е полна, му се спие. Тоа што е толку мало, не го иззема од сите оние човечки потреби – допир, стимулација, мирис, топлина, сигурност. И да, секој плач е најчесто глад. Но, проблемот лежи во концептот дека бебето цица на 2-3 часа, по 10-15 минути од града, и после спие мирно околу 2 часа. И најчестиот страв што го имаат семејствата е што кога ќе понудат дохрана (а најчесто се нуди со шише и тоа на оној метод – легнато бебе, кренато шише, па гравитацијата си ја врши работата), бебето најчесто ја пие цела во многу кратко време, и потоа заспива. И тука семејствата се уверени дека бебето плачело од глад. Бидејќи нели, сега спие. Иако после тоа може да се случи да поврати, да има мака со мешето, столицата да се смени. Она што не разбираме е дека и гладно бебе, а и сито бебе (во фаза на новороденче) може да го испие целото млеко во шишето. Да не се разбереме погрешно, секако дека бебето плаче и од глад. Но, не секој плач е глад. Е тука ни недостига едукација – како да препознаеме за што се работи, како да реагираме. Особено едукација за составот на мајчиното млеко и разликите од формулата, како и ризикот кој доаѓа од давање на формула, особено „превентивно“.  Само со едукација можеме да го надминеме тоа и да имаме поголема самодоверба.


* Колку фали едукација, како најдобро да си помогнат родителите?

- Премногу. На прв поглед можеби чудно, бидејќи денес сме во една ера во која информации имаме на дланка. Буквално доиме и читаме на нашите телефони статии, искуства, блогови. Проблем е да се селектира што е проверено, а што е субјективно. Има едно правило кога се работи за доењето – а тоа е дека нема универзално апликативни правила. Секој еден пар мајка – бебе е различен, секој еден ист предизвик може да има различен причинител, кој бара различен пристап и внимание. Пример имате мајка која има преполни гради – може да е затоа што има хиперпродукција, а може да е заради неефективно празнење на градите. А симптомите ќе се навидум исти. И прашањето ќе е исто. „Имам тврди гради, жешки на допир, имам и грутки. Што да правам?“ Разликата помеѓу ентузијаст за доење и професионалец е што професионалецот знае дека нема еден точен одговор. И не се осмелува да даде едно единствено решение, без да го земе во предвид целата ситуација – да види како е мајката, но, да види како е бебето, па понекогаш и како е партнерот, поширокото семејство. Областа е навистина комплексна. И знам дека не треба како родители да сме професионалци во сѐ што правиме – за тоа има стручни лица (иако недоволно).  Но, треба да сме доволно потковани да знаеме кога треба да се обратиме кај стручно лице. Да препознаеме кога ни треба стручна помош. Јас тоа ги учам семејствата на курсот за доење. Не да знаат сѐ, туку да знаат кога не знаат, и кога им треба помош.

* Како да помогне таткото и да се вклучи во процесот на доење?

- Таткото треба да се вклучи уште во текот на самата бременост. Јас секогаш ги поканувам и партнерите да се дел од курсот. Па и поширокото семејство. Во материјалот што им го давам на учесниците има дел за татковците/партнерите. Во првиот документарен филм за доењето што ќе се прикаже сега и те како ја обработуваме таа тема. Во подготовка е и работилница само за партнери, каде што ќе си поразговараме во детали на темава. Се надевам дека полека ќе се покрене свеста и по ова прашање. Бидејќи поддршката на партнерот е најважниот фактор за тоа дали една мајка ќе ги надмине предизвиците во доење или не. И статистиката вика така, и реалноста.

* Кои според Вас се најзастапени митови околу доењето (постјано слушаме бабини деветини како „млекото не ти е јако“ и слично )?

- За жал, ги има премногу. Митот за слабо, т.е. нехранливо млеко. Митот за доењето и часовникот; митот за меки гради; митот за тоа колку молзиш – толку млеко имаш; митот дека не се дои ако млекото „стоело“ во градите подолго време; митот за доење од само една града од подој; митот за „мрсното“ млеко... ги има премногу. Токму тоа е темата на мојата презентација во сабота. Ги собрав на купче, и се надевам дека сите заедно ќе успееме да се ослободиме од нив.


* Кажете ни нешто повеќе за настанот по повод Светската недела на доење кој го органзирате оваа година?

- Настанот оваа година е под мотото „Заложи се за доењето – едукација и поддршка“. Искрено, имавме дилема околу преводот, дали да биде побуквален, или да биде послободен. Но, поентата е многу јасна – да се заложиме сите преку едукација и поддршка. Како и лани, така и оваа година – се запрашавме како можеме најдобро да се заложиме ние како лица кои работат во оваа област? Кој треба да се заложи? Кој треба да едуцира? Па тргнавме од тука, и спремивме програма која ги опфаќа сите учесници во тој „синџир на поддршка“ како што го нарекува WABA. Опфаќа фаза во која семејствата се заложуваат за меѓусебна поддршка и едукација преку споделување на фотографии од доење, искуства, предизвици, доенечки приказни – сѐ со цел да бидат погласни, да бидат потранспарентни на темата доење, давајќи мотив на оние кои ги чека тој дел од животот. Понатаму опфаќа поддршка преку едукација, од стручните лица за семејствата – како да се спремат за доењето, кои се препреките кои не означуваат крај на доењето – тоа е една прекрасна презентација која ја спреми Јасна Апостолски – Николов, нашиот единствен советник за доење со титула IBCLC, додека мојата презентација, како што напоменав е поврзана со митовите со кои се среќаваат семејствата, кои иако безопасни, најсериозно можат да влијаат врз доењето. Но, она што навистина недостига е едукација на професионалните лица кои се во секојдневен контакт со семејствата. Тоа е факт. И тоа е една толку важна алка од тој „синџир“ која и те како има влијание врз вкупниот исход и статистика. Па, решивме дека програмата едноставно мора да опфати и дел кој ќе ги едуцира и професионалците. Па и оваа година, како и лани, имаме интернационален гостин, кој е реномиран лактациски консултант, еден од најпознатите во оваа област – Dr. Jack Newman, кој има подготвено прекрасна презентација од која сите можеме премногу да научиме. А за крај, заедно со Златица Петковска подготвивме и еден прекрасен краток филм за доењето, кој нема за цел само да ја опише состојбата во нашата земја, туку пред сѐ има за цел да го прикаже доењето низ призмата на повеќе семејства. Едноставно да го погледнеме и да го доживееме доењето такво какво што е. Денес, сега, тука. Со сите негови предизвици, со сите предизвици од системот, но и со сите емоции, искуства, гримаси, нежности, и индивидуални доживувања.

* Дали мајките во Македонија се срамат да споделат фотографија од доење, дали се срамат да дојат во јавност?

- Искрено – имам чувство дека сѐ повеќе го рушиме тоа табу, и сѐ повеќе се ослободени од туѓите предрасуди. Но, ги бодрам мајките, да се отстрамат, да се поддржат една со друга, да се бодрат, а сите вие кога ќе видите мајка што дои во јавност, насмевнете ѝ се, поздравете ја. Да ги вклучиме мајките со бебиња и дечиња во општеството, без да имаме предрасуди кон голата града. Да не дозволиме да бидеме општество кое нема проблем да гледа голи гради во секакви други конотации, но, не и во онаа најосновната и најприродната – да храни и утеши едно мало бебе/дете.

* Една порака до сите мајки доилки.

- Доењето е навистина инстинктивно и природно нешто. Но, во денешните околности под кои се одвива, не секогаш е едноставно. Затоа е потребно да се едуцираме, да се спремиме. И можеби не толку теоретски, колку што емотивно. И најважно – да знаеме да препознаеме кога ни треба помош. Да бидеме отворени со партнерот, да сме транспарентни во нашите намери, и да запомнеме – секоја една мајка има право да дои ако тоа го сака. И има право на стручна и професионална поддршка.


„Мајчиното млеко е единствена и незаменлива природна храна за доенчето, а доењето е единствен и незаменлив предуслов за негов правилен емотивен и физички развој.- Прим. д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за детски болести и детска хирургија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“



*Даница Караташова Илиоска