11 РОДИТЕЛСКИ ЛЕКЦИИ: Важат на сите краеви од планетата

Секое поднебје има свои специфични начини за воспитување на децата, а сите тие се полни со корисни совети што треба да ги усвојат сите родители во светот. Не постои правилен или погрешен начин за воспитување деца, туку само начини на кои детето ги прифаќа или не ги прифаќа вашите совети или авторитет. Ви претставуваме неколку „лекции по воспитување“ од разни родители низ светот и секоја од нив е еднакво значајна и важна: 


  1.    Ризикувајте! 
Истражувањата од Норвешка покажуваат дека е добро повремено да се ризикува – на пример, качувањето по дрвја е добро за децата и всушност ги прави повеќе да внимаваат на безбедноста. На овој начин детето учи за сè што е способно неговото тело, но и колку неговата процена за предизвик е добра или не. Качувањето по дрвја е многу покомплицирано од структурите по парковите што имаат иста намена, кои за децата понекогаш се „досадни“ или „премногу безбедни“... 
  2.    Прескокнете го детското мени
Во земјите што имаат посилна и позачинета кујна, како на пример Јужна Кореја, децата не добиваат засебни оброци. Тие од мали се учат да ја јадат истата храна што ја јаде целото семејство и да пробуваат од сите понудени чинии. Јадејќи ја истата храна со семејството, децата се учат да внесуваат широк спектар на здрави продукти од мали нозе и се навикнуваат да не пребираат храна. 
  3.    Поставете цели надвор од удобната зона 
Кинеските родители и наставници велат дека охрабрувањето на децата напорно да работат на постигнувањето на своите цели е исто како и држењето јаболко надвор од нивниот дофат. Морате да ја создадете совршената оддалеченост. Ако јаболкото е премногу оддалечено, малите деца ќе се обесхрабрат и ќе се плашат повторно да се обидат, додека ако е преблиску – нема да имаат вистински мотив за да успеат. 
  4.    Сосема е во ред децата да се скараат меѓу себе 
 Ова не значи дека треба и физички да се пресметаат, но родителите од Јапонија велат дека расправиите околу играчките и ситните препирки всушност се добри за децата затоа што им даваат шанса да искусат кавга, особено на начин кој ќе ги натера сами да најдат решение. Значи, слободно повлечете се и дозволете им на децата сами да најдат решение за расправијата. 
5.    Секојдневно носете ги децата надвор 
 Во Северна Европа, каде што зимите се остри и јаки, од децата се очекува секој ден извесен период да си играат надвор (дури и бебињата имаат попладневни дремки на отворено). Во овие краишта постои изрека - излезете надвор без оглед дали врне дожд или е сончево. Не постои лошо време, туку само тенка облека. 
6.    Поздравувајте ги луѓето
Во земјите низ светот, од Франција до Јапонија, поздравувањето со другите луѓе се смета за основна култура, и родителите ги учат своите деца на вакво однесување како што ние ги учиме за азбуката. Во Јапонија дури и имаат вежби за поздравување додека не ја научат оваа важна вештина. Научете ги вашите деца навреме дека не се сами, дека постојат и други луѓе, кои треба да ги уважуваат и да се грижат за нив. 
  7.    Не терајте ги да ги делат играчките со други деца 
Во истражување во кое биле споредувани деца од САД и од Гватемала, на малите од Гватемала им било дозволено да прават како што сакаат. Никогаш не биле прекорувани да ги споделуваат своите играчки со братот или сестрата. Наместо тоа, ги добивале своите играчки додека не пораснале доволно за самите да научат да ги споделуваат, за разлика од Американците, кои самоволно и спонтано почнувале да споделуваат и да го отсликуваат моделот кој им бил прикажан додека биле малечки. 
  8.    Спијте заедно со вашите деца  
 Честопати сме слушале дека самостојното спиење доведува до поголема независност на децата. И покрај тоа, повеќето семејства во Централна и во Јужна Америка, Азија и во некои делови од Европа спијат заедно со своите деца. Истражувањата покажале дека децата што делеле кревет со родителите се многу понезависни од децата што спиеле сами.
9.    Олабавете ги стегите 
 Шведските родители се обидуваат да не бидат престроги кон своите деца. Тие имаат став дека децата треба да го најдат својот внатрешен глас и сами да научат да носат добри одлуки. Во некои предучилишни установи во Шведска има вежба наречена „невидливи огради“, во која децата секојдневно ја вежбаат својата самоконтрола. 
10.    Живот во заедница
Родителите од различни делови на светот делат исто мислење – дека децата најдобро се воспитуваат кога во тој процес учествуваат целото семејство и роднините, првенствено бабите и дедовците. Во Бразил многу семејства живеат во повеќегенерациски заедници, со сите членови на семејството, обично поделени по катови, што помага членовите на заедницата да се најдат кога за тоа има потреба.
11.    Разонодата е неопходна
Децата во Финска имаат многу повеќе време за игра и активности на отворено во споредба со децата од нашиот регион, без оглед дали скијаат, се санкаат или само трчаат надвор. И нивните училишни часови траат пократко од нашите, некогаш дури и за неколку часа. Всушност, тие имаат многу повеќе незадолжителни часови, како резбарство, готвење, музичка или ликовна уметност.