16-годишно девојче од Сарево почина поради компликации од лечење на заб: Познат стоматолог предупредува во кои ситуации може да дојде до фатален исход

Добивај вести на Viber

Џејла Драпиќ (16) почина поради компликации по стоматолошка интервенција во приватна ординација во Сараево. Муамер Драпиќ, таткото на девојчето, за медиумите изјавил дека неговата 16-годишна ќерка починала поради неадекватен третман на стоматологот кој и го средил забот, ставил лекови и ѝ дал антибиотик, по што состојбата набрзо и се искомплицирала.

Според зборовите на неутешниот татко, Џејла добила апсцес од несоодветно лекување на забите, кој стигнал во белите дробови и отишол до нејзиното срце. Имала две операции и на крајот била заразена со три бактерии.

Крварењето и инфекциите се најчестите компликации

Катарина Мургуљ, доктор по стоматологија и специјалист по орална хирургија, кажа во кои случаи може да дојде до фатален исход, кога станува збор за стоматолошки третмани, како и колку се важни редовните прегледи и контроли во спречувањето и на најмалите компликации.

- Итните состојби во стоматологијата можат да бидат резултат на локални или системски нарушувања. Локалните нарушувања се крварење, инфекции, болка и оток. Што се однесува до крварењето, тоа е крварење од крвен сад и таквото крварење може да доведе до губење на голема количина крв, што може да доведе до колапс на функцијата на телото и до смрт. Таквото крварење може да се појави поради повеќе причини, кои можат да бидат од општа или локална природа. Компликациите предизвикани од крварење може да се спречат со земање адекватна анамнеза, што би укажало на вродени и стекнати болести кои можат да доведат до нарушување на хемостазата (запирање на крварењето) - како што се, на пример, хемофилија, СИДА, заболувања на црниот дроб, леукемија - вели др. Катарина Мургуљ.

Кога зборуваме за фактори од локален карактер, првенствено мислиме на повреда на крвните садови, меките и коскените ткива, како и повреда на интерденталниот септум.

- Покрај крварење, имаме и инфекции, кои можат да се манифестираат како самостојни заболувања или како компликации на некои стоматолошки интервенции. Според нивниот тек, тие можат да бидат акутни или хронични. Тие може да варираат од благи симптоми до состојби опасни по живот. Локални клинички знаци на воспаление се зголемена локална температура, болка, црвенило, оток, како и нарушена функција - истакнува стоматологот.

Инфекциите се комплицираат со несоодветен третман

Што се однесува до компликациите од инфекцијата, тие се јавуваат како резултат на избегнување или неадекватно и доцно лекување.

- Ширењето на ваквите инфекции може да доведе до компликации кои можат да го загрозат животот на пациентот, како тромбоза на кавернозниот синус, инфективен миокардитис, бактериски менингитис. Системски болести кои можат да доведат до итни ситуации се миокарден инфаркт или срцев удар, напад на ангина пекторис, епилептичен напад, анафилактичен шок, астма и хипогликемичен шок, како и несвестица и акутна адренална криза - предупредува д-р Мургуљ и на крајот додава дека треба да се работи на превенција и редовни контроли, со цел да се избегнат сериозни компликации.

- Доколку нешто не се лекува навремено, се поголеми шансите за компликации кои можат да предизвикаат фатален исход – заклучува таа.


Фото: Фејсбук