16 знаци кои укажуваат дека твојата тироидна жлезда не функционира нормално

Добивај вести на Viber

Се чувствуваш нервозно, добиваш во килограми и не можеш да се концентрираш?

Можеби имаш проблем со тироидната жлезда

Жените имаат 10 пати поголеми шанси од мажите да развијат нарушување на тироидната жлезда. Ако си жена над 35 години, шансите да настане некоја промена сè уште повисоки, изнесуваат повеќе од 30%, според статистики. Аналогно на тоа, од голема важност е да знаеш кои сее симптомите на тироидно нарушување, како да ги препознаеш кај себе и што да направиш, за да може навреме да ти се постави дијагноза, да ти се препиша соодветна терапија и да продолжиш да го живееш животот со полн елан.

Каква жлезда е тироидната жлезда?

Тироидната жлезда е жлезда, која има форма на пеперутка и е сместена во вратната регија, над Адамовото јаболко. Произведува тироидни хормони: Т3 и Т4, коишто влијаат насекаде во телото, особено врз: телесната температура, метаболизмот и срцевата акција.

Кога нејзината нормална функција ќе се промени, односно ќе почне да продуцира хормони повеќе од што е потребно или пак недоволно за да се задоволат потребите, е тогаш проблемите започнуваат.

Зголемена функција на тироидната жлезда предизвикува болест ХИПЕРТИРОИДИЗАМ, а намалена функција ХИПОТИРОИДИЗАМ.

Што ја „нарушува“ твојата тироидната жлезда?

Причините за нејзината промена може да бидат многубројни, меѓутоа ниедна со сигурност не може да се потврди. Може да биде предизвикано од: генетска причина, автоимуно оштетување, бременост, акумулиран стрес, дефицит на нутритиенти во исхраната или од токсични материи од средината.

Што ја отежнува дијагнозата на ова нарушување е тоа што симптомите кои настануваат се неспецифични, генерализирани и може да се јават на далечни места од тироидната жлезда.

Еве неколку знаци и симптоми на хипо и хипертиреоза, кои во комбинација несомнено укажуваат на проблем со тироидната жлезда:

  • 1.Се чувствуваш слабо и постојано уморно

Немаш енергија и после добро преспиена вечер. Тоа укажува на многу состојби, но силно се поврзува со хипотиреоза, недоволно количество на тироидни хормони во крвта. Таа предизвикува забавување на процесите во телото, забавување на метаболизмот, намалена продукција на енергија, кое клинички се манифестира со умор, слабост и дефицит на енергија.

  • 2. Се чувствуваш депримирано и потиштено

Чувство на тага и депресивност исто така може да биде симптом на хипотироидизам. Зошто? Затоа што недостатокот на тироидни хормони влијае и на продукцијата на серотонин во мозокот. Тој е хормонот кој не прави да се чувствуваме убаво. Но, исто така и заради забавеноста на другите системи и твоето расположение се менува.

  • 3.Се чувствуваш напнато и анксиозно

Анксиозноста и чудно чувство се знаци на хипертироидизам. Тоа е состојба на преголемо лачење на тироидни хормони, како резултат на тоа сите процеси во телото се засилуваат и забрзуваат, и затоа ти не можеш да се релаксираш.

  • 4. Твојот апетит е засилен

Постојано чувство на глад може да биде симптом на хипотироидизам. Наспроти тоа, кај хипертироидизам се забележуваат промени и во осетот за вкус и за осетот за мирис.

  • 5. Твојот мозок е успорен

Забавен тек на мисли и тешкотии при размислување, може да се должи на повеќе причини. Од недоволно спиење или од природниот процес на стареење, а многу жени тоа го препишуваат како дел од менопаузниот процес, без да знаат дека можеби се работи за хипотиреоза. Кога пациентите ќе бидат третирани со соодветни лекарства, тие се изненадени за колку кратко стануваат побистри и нивната заборавеност исчезнува.

  • 6. Не чувствуваш потреба за сексуален однос

Намалено либидо или комплетен недостаток на желба за сексуален однос може исто така да е резултат на недоволна количина на тироидните хормони. Но во тоа исто така придонесуваат и намалената енергија, покачената телесна тежина и стомачните тегоби, кои произлегуваат од хипотиреозата.

  • 7. Се чувствуваш вознемирено

Чувството на вознемиреност заради срцево треперење. Тоа е неправилна срцева работа која може да е предизвикана од хипертиреозата. Чувствуваш како срцето ти чука забрзано или посилно од вообичаено, па дури и како да прескокнува еден или два удари. Сето ова се должи на преголема количина на тироидни хормони во крв.

  • 8. Кожата ти е по сува од вообичаено

Сувата кожа и кршливи нокти многу често се симптом на хипотиреозата. Кога заради недоволна количина на тироидни хормони, а со тоа и забавени метаболистички процеси, сее намалува и продукцијата од потните и лојните жлезди. Така исчезнува природната хидратација на кожата.

  • 9. Твоите црева се „непредвидливи“

При хипотиреоза луѓето најчесто се жалат на констипација. Таа настанува заради намален интензитет на процесите за дигестија на храната и забавеноста на мотилитетот на цревата, кое е резултат на недоволна количина на тироидни хормони.

Наспроти тоа, кај хипертиреозата пациентите се жалат на дијареја и чести кркорење во цревата, предизвикано од преголемата количина на тироидни хормони.

  • 10. Менструалниот циклус ти се променил

Долг менструален циклус проследен со обилни и болни крвавења, што претходно не бил случај кај тебе, најчесто се должи на хипотиреоза, но секако треба да се провери и да не се работи за анемија.

А пократки и лесни менструални циклуси, кои од неодамна започнале, се среќава кај хипертиреоза.

  • 11. Имаш висок крвен притисок

Без никаква претходна основа, доколку чувствуваш чести главоболки и видливи пулсации на артериите, треба да помислиш на проблем со тироидната жлезда. И хипотиреоза и хипертиреоза се манифестираат со овој клинички симптом.

  • 12. Твојот телесен термостат престанал да работи

Доколку често чувствуваш студ и се тресеш, треба да помислиш на хипотиреоза. Ова настанува бидејќи ти се намалени метаболните процеси во телото, а со тоа и продукцијата на енергија и топлина.

На лицата со хипертиреоза постојано им е топло и често профузно се потат.

  • 13. Гласот ти се променил и чувствуваш промени во вратот

Забележуваш нешто сомнително на вратот, затоа треба убаво да го прегледаш. Ова може сама да го направиш со огледало во рака, кога пиеш вода или подголтнуваш. Доколку забележиш испакнување во тироидната зона или нешто сомнително, веднаш обрати се кај твојот лекар.

  • 14. Имаш проблем со спиењето

Сакаш постојано да спиеш, па дури и преку ден, без да се чувствуваш одморено. Во тој случај треба да помислиш на хипотиреоза.

А доколку не можеш да заспиеш и често се будиш во текот на ноќта, можеби се работи за хипертиреоза.

  • 15. Си накачила килограми за краток период

Вежбаш редовно, се храниш како и порано, но сепак ти се зголемува телесната тежина и не само тоа, со никаков тренинг не можеш да ја намалиш.Се случува при хипотиреоза.

Ова е најчестата причина за која луѓето доаѓаат кај својот лекар. Тој ретко гледа на тоа како изолиран симптом, бидејќи може да е резултат од бројни причини. Лекарот ќе ги побара и дополнителните симптоми за хипотиреоза пред да помисли на оваа дијагноза.

Исто така и лабораториски високо ниво на LDL, односно „лошите“ масти, кои не реагираат на диета, не се намалуваат при интензивирана физичка активност, ниту пак со лекови, се поврзува со хипотиреоза.

  • 16. Косата ти се истенчува и паѓа повеќе од обично

Сува и кршлива коса која често паѓа е знак на недоволно тироидни хормони во крв. Ова се случува бидејќи е нарушен нормалниот циклус на влакното и неговите фоликули се оставени во „фаза на одмарање“, која резултира со опаѓање на косата на главата, па дури и на веѓите.

Наспроти ова, премногу активна тироидеа предизвикува необично згуснување на косата.

Многу од лицата доаѓаат кај својот лекар заради сугестија од нивниот фризер, кој прв ја забележал промената

Што да направиш?

* Не паничи иако да ги имаш симптомите. Доколку имаш некој од симптомите својствени за хипотиреоза или хипертиреоза не можеш да кажеш дека ја имаш дијагнозата. Прво провери дали можеби тие се резултат на некоја друга претходно постоечка болест или се резултат на лекови, на нов животен стил и нови навики. За да се посомневаш дека можеби се работи за проблем, треба да имаш повеќе од симптомите во комбинација и да си тесно поврзана со причините кои би довеле да се развијат промените на тироидеата. Затоа треба да појдеш кај својот лекар и точно да му ги опишеш што се случува со тебе.

*Направи преглед на тироидната жлезда. Колку и да имаш од симптомите, додека клинички и лабораториски не се потврди, ни лекарот не може со сигурност да ти постави дијагноза. Побарај да се одреди нивото на TSH и нивоата на слободен Т3 и слободен Т4 хормони во крвта. Со тоа навреме ќе ти се одреди терапија.

*Редовно и континуирано земај ја терапијата. Терапијата го надоместува тоа што фали или го супримира тоа што е во вишок. Ти за многу кратко време ќе почувствуваш подобрување и ќе ти се врати енергијата. Брзо ќе намалиш во тежина, ќе го подобриш твоето спиење и ќе си ја вратиш способноста за бистро и позитивно размислување. Резултатите ќе бидат одлични само ако не правиш отстапки.


За Женски магазин, 

Христина Алаѓозовска, шеста година студент по општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје