19 години СОС ДЕТСКО СЕЛО

Добивај вести на Viber

СОС Детско село денес прослави 19 години од своето постоење и работа со деца без родители и родителска грижа, поддршка на семејства во социјални ризици и млади на кои им е потребна поддршка во осамостојувањето и интеграција во заедницата. 

За овие 19 години посветеност, СОС Детско село создаде топол дом, љубов и грижа за 200 деца без родители и родителска грижа, поддржа повеќе од 60 млади без родители и родителска грижа а на почетокот на нивниот независен живот беше тука за вкупно 35 млади лица. Досега поддржа и 313 семејства во социјален ризик со вкупно 911 деца, помогна на 470 млади невработени лица, отвори 56 мали бизниси и вработи 155 лица.

СОС Детско село, досега, оствари соработка со повеќе од 50 институции и организации, а неговата работа и мисија ја поддржаа над 300 компании и стотици граѓани кои заедно со нас помогаат да се сменат многу животи и да изградат јаки и амбициозни млади луѓе кои денес се студенти, вработени или имаат свои бизниси.

Под мотото „Едно семејство”, во дворот на СОС Детско село, дечињата пуштија сини и бели балони и на симболичен начин го одбележаа и Меѓународниот ден на СОС Детски села во светот.

‘’Правото на семејство и правото на инклузија се едни од основните права на детето и се наоѓаат на високо место на агендата на Обединетите нации, како осма цел од Целите за одржлив развој за 2015 – 2030. Во нашата држава, децата кои се во социјален ризик, како и нивните семејства, децата и младите без родители и родителска грижа, честопати се лишени од ваквите права. Затоа, денес, кога сите ние се соочуваме со предизвикот од пандемијата на коронавирусот, да се обединиме во духот на солидарноста и хуманоста и да не забораваме дека токму сега сме уште поодговорни да ги обезбедиме основните права на овие деца, нудејќи им топол дом, љубов, грижа и сигурност’’ – изјави Националниот директор, Јулијана Гапо.

СОС Детско село како дел од меѓународната мрежа на СОС Детски Села Интернационал, присутна во 136 земји во светот и посветена на заштита и примена на детските права, ја започна активно својата работа во 2000 година и досега има поддржано над 1200 деца, 500 млади и над 300семејства во големи социјални ризици. Тоа останува посветено на својата работа со цел’’НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ДА НЕ РАСТЕ САМО .