„Аџибадем Систина“ почна со кардиохируршки интервенции на деца покриени од ФЗОМ
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина” почнаа да се вршат кардиохируршки интервенции на деца (од 0 до 18 години) со кардиоваскуларни болести кои се покриени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Можноста произлегува од анексот на Договорот за извршување и плаќање на здравствени услуги во областа на кардиоваскуларна хирургија на осигурени лица кој го потпишаа ФЗОМ и „Аџибадем Систина“.
Овие интервенции ги извршува искусен тим од доктори предводен од д-р Владимир Чадиковски, кој е единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава, заедно со доктори од „Аџибадем“ од Турција кои зад себе имаат повеќе од 15 илјади интервенции. Станува збор за тим од десетмина доктори кардиохирурзи, кардиолози, интернисти, анестезиолизи, перфузионисти и педијатри за кардиолошки интервенции кај деца, едни од најдобрите во регионот.
Предност е што искусниот тим на доктори кои доаѓаат од Турција ќе бидат достапни секоја недела во земјава и ќе бидат вклучени во третман на кардиолошки заболувања кај деца. Целта е во следниот период „Аџибадем Систина” да стане референтен центар за третман на вродени срцеви заболувања кај деца не само во Македонија туку и на целиот Балкан.