Агенција „Марили“ прогласи 20 најуспешни жени менаџери за 2022 година и одржа Марили Бизнис Форум

Добивај вести на Viber

Агенцијата „Марили“ во саботата на 28 мај го одржа 26.тото издание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери 2022“. На свеченоста што се одржа во хотелот „Инекс Олгица Хотел & Спа“ во Охрид беа прогласени за најуспешни 20 менаџерки од нашата држава и од регионот и беа наградени за нивното успешно менаџирање со компани, пред се, од приватниот бизнис сектор. Меѓу наградените беше и гувернерката на Народната банка на Р.С. Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска која доби специјална награда за успешно водење на монетарната политика во државата во услови на криза. 

Годинашните 20 добитнички на наградата „Жена водилка“ се:

1 Анита Ангеловска Бежоска, гувернер на Народна банка на Република Северна Македонија – специјална награда

2 Филомена Пљаковска Аспровска, главен извршен директор на Интернационален Картичен Систем АД Скопје

3 Наташа Паунова Блажевска, генерален менаџер на „Л&Н&Т Диагностик“ - Скопје

4 Билјана Божиновска, генерален директор на ПЗУ Аптека „Анни фарм“

5Ана Марија Вуковска, извршен директор на Property One Real Estate - Скопје

6 Татјана Узунова Георгиевска, генераен менаџер на „3Д проект студио“ - Скопје

7 Марина Данева, финансов менаџер на „Апаве СЕЕ“ – Скопје

8 Вилма Учета Дузлевска, генерален менаџер на Триглав Осигурување Живот АД Скопје - Скопје

9 Шемса Емшериев, генерален менаџер на „Еуростеп“ - Скопје

10 Татјана Коловчевска, управен директор на „Леорон“ – Дубаи

11 Даниела Ташевска Малева, генерален менаџер на „Еуроинг“ – Гевгелија

12 Даниела Перканоска, генерален менаџер на „Авто Контрол“ – Прилеп

13 Светлана Пљакоска, управител на „Олимпиа Mоторс“ и „Олимпиа Моторс Аутлет“ – Скопје

14 Марија Рангелова – менаџер на маркет во „Веро центар“ - Скопје

15 Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво

16 Меланија Тодорова, носител на брендот „Кубус“ и менаџер на „ЦБС Проект“ - Скопје

17 Олгица Илоска – „Инекс Олгица Хотел & Спа“ – Охрид – постхумна награда

18 Слаѓана Петровиќ – „НАЈжена и НАЈмушкарац 21.века“ – Белград

19 Едита Даутовиќ – „Милениум“ – Подгорица

20 Гордана Николиќ – Висока бизнис школа ПАР – Риека

Изборот беше направен од менаџерки на успешни приватни компании од различни сектори и дејности од целата држава и од регионот со препораки од нивните деловни колеги и партнери и со почитување на личната согласност да бидат дел од овој проект. Со тоа „Марили“ ја продолжува и ја проширува својата мисија за поддршка и поттик на жената во бизнисот како жена менаџер, лидер и претприемач и ги охрабрува младите генерации смело да влегуваат во бизнис водите и успешно да ги градат своите бизнис приказни.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска во своето обраќање на свечената манифестација се осврна на значењето на родовата еднаквост како фактор што придонесува за подобри економски остварувања, прашање кое беше уште повеќе нагласено во последните години кога се соочуваме со неколку последователни шокови - здравствена криза, енергетска криза, а од почетокот на оваа година и воениот конфликт во Украина.

„Една од карактеристиките на пандемискиот шок е дека нееднакво ги погоди економиите, секторите во рамки на економиите, како и различните старосни и полови структури на населението. Ударот беше поголем врз помалку развиените економии, помладите возрасни групи, но и жените. Стапката на активност на жените во текот на пандемијата се сведе на 44,7%, односно, помалку од половина од работоспособното женско население е вклучено на пазарот на труд“, рече Ангеловска-Бежоска, потенцирајќи дека родовата еднаквост носи огромен број економски придобивки како креирање повеќе работни места, зголемена вработеност, повисоки плати, помала сиромаштија, зголемена продуктивност и конкурентност.

„Зголемувањето на економското учество на жените, особено во малите и средни претпријатија, кои придонесуваат со 74% во вкупната вработеност може да доведе до намалување на сиромаштијата и да поттикне инклузивен раст“, рече гувернерката и истакна дека НБРМ ќе продолжи да дава придонес за поголема  вклученост на жената во економијата особено преку поттикнување поголема конкуренција во финансискиот систем и полесен пристап до финансии.

Истиот ден агенција „Марили“ го одржа и Марили Бизнис Форумот како регионален настан насловен „Современа бизнис раскрсница“ каде преку четири панел сесии се дискутираше и дебатираше на основните цели на Форумот: воспоставување економски баланс во турбулентна средина, јакнење на капацитетите на индивидуата преку различни форми на личен менаџмент, согледување на женското лидерство низ призмата на емоционалната интелигенција и давање фокус на менталното здравје и убавина. Дел од форумот беше и вицепремиерот задолжен за економските ресори во Владата, Фатмир Битиќи кој ги поздрави присутните и учествуваше во првата панел сесија говорејќи за владините мерки и насоките за поддршка на приватниот сектор за полесно надминување на проблемите и последиците од актуелните кризи.

„Подготвувајќи се за ова обраќање размислував што би значела оваа конференција пред 25 години и што вашето истапување и охрабрување би значело пред 25 години. Низ тоа размислување низ мене поминаа сите чувства на храброст, истрајност, сила, силна волја, желба, посветеност како и пожртвуваност на сите вас. Но, верувам на моменти и голема неизвесност, страв, колебање и борба против очекувањата и рамките на ограничување. Тоа што денеска сте тука, тоа значи дека вие сте победиле и продолжувате да победувате секој ден! Идејата дека без разлика кој и да си, ако работиш посветено и си подготвен да преземеш одговорност – можеш да напредуваш и да успееш! Многу е важно што сме денеска тука, за да можеме сите да се погледнеме во очи, да си честитаме и да видиме дека нашата приказна не е единствена и дека е можно. Но поважно е пораката да ја кажеме гласно, да ја слушнат сите и сите кои се колебаат или плашат да видат сјајни примери дека може! Дека тие исто така можат и да се охрабрат!“, истакна во своето воведно обраќање вицепремиерот Битиќи.

Според него, жени во бизнисот и жени на лидерски позиции се конкурентска предност. Но, како што рече, за да можеме да стигнеме до оваа додадена вредност, која сите нас ќе не поведе напред, треба сите сили и намери да ги насочиме кон повеќеслојна системска поддршка во креирање на опкружување во кое сите имаат еднакви можности, прво, а потоа да се осигураме  дека оние што се колебаат, ќе се осмелат. 

„Знам дека денеска со нас се и жени лидери од регионот. Добредојдовте во нашиот Охрид и ви благодарам што сте денеска тука. Ајде заедно од денеска па се додека е потребно да работиме на економско зајакнување на нашиот регион преку зајакнување на нашата регионална конкурентност – наспроти регионална конкуренција! Да си подадеме рака, да се поддржиме, заеднички инспирираме и да напредуваме како што тоа веќе четврт век го прави ‘Марили’ и за тоа им благодарам и им честитам“, рече Фатмир Битиќи.