После неколку дена натегање за точно кој ден да биде, па во колку
часот (за каде немавме проблем, веднаш знаевме дека ќе одиме на ”нашето место”), конечно се
сретнавме со една другарка на кафе. Другарка ми Весна е дијаметрално спротивна од
мене по карактер. Колку што е таа ведра и отворена, толку јас сум немтур и
молчелива, колку што е таа со 100 идеи за 1 минута, толку јас сум (како што
велеше баба ми) “турни
ме да кинисам”.
Можеби токму затоа низ годиниве си се сакаме, можеби тие разлики меѓу нас
прават секоја да го живее во другата она што го нема во себе. Саботата беше
пеколен ден, небото стушено, воздухот тежок, баш како најава на олујата која
дојде вечерта. Седнуваме, двете полуклимактерични наизменично се ладиме со
менито без да ни текне дека може да земеме уште едно и почнуваме муабет. Мерило
за близина со луѓе секогаш ми е тоа дека муабетот тече без застој, како да сме
дошле до некаде претходниот ден а денес само продолжуваме со темата. Да знаете
дека со блиските луѓе го нема она “ете, не сме се виделе ден, 5, 3 месеци”, па да си фаќаме
кусур. Она што ми е важно е да знам дека се тука и да знаат дека сум тука, за
арно и за лошо. Во животов сум имала “лепенки” другарки и сум се чувствувала како да сум
сама, а сум имала и онакви со кои било еден збор-еден алтан, па самото тоа дека
знам оти се тука ми создавало сигурност и спокој. Веројатно и тоа си доаѓа со
годините, па наместо со квантитет, се задоволуваме само со квалитет кој има
суштина, а не форма.
Нејсе, чешламе со Весна теми со кафето, малку се потсеќаме на минатото ко да имаме по 80 години, си ги кажуваме маките со симптоми на климаксот кој нè шамара како ќе му текне, па се смееме ко неарни на одредени случки и доаѓаме до темата врски и партнери. На маса извадивме примери од минатото, но она што беше интересно, беше токму сегашноста.
Дали сме исти во очите на другите кога сме во врска и кога сме сами?
Интересно е што имам забележано дека кога сме во врска наеднаш има еден куп заинтересирани луѓе за нас, па инбоксот крцка од пораки и неиспиени кафиња/чаеви/алкохоли/коктели. Но кога сме слободни, тоа некако како да спласнува. Можеби е во прашање енергијата со која зрачиме дури и преку фотографиите кои ги ставаме или она што го постираме на социјалните мрежи, не знам. Можеби таа емотивна исполнетост нè прави посакувани, секси, пожелни и има кај спротивниот пол доза на провокација за да се освои токму таквата жена. Можеби е еден вид и прашање на билдање машкост дека на некој му се може да освои жена која “припаѓа” на друг мажјак. Искрено, ова последново ми е бљак и не сакам дури и да го ставам како опција, но отпосле ми текна еден пример. Сестрата на моја сосетка кога и да најдеше партнер со кој ќе развиеше подлабок однос, немаше дерман од бившиот кој ѝ доаѓаше со цвеќиња, чоколади (скроз филмски) додека не ја навлечеше повторно на помисла дека можеби треба да му даде уште една шанса. (Ова со шансите ми е ко она “зарем очекуваш различен крај на книгата кога веќе ја имаш еднаш прочитано, а сега ја препрочитуваш”, иако на младост сите веруваме во чуда и магија, дури и онаму каде што нема абер за тоа). Откако ќе го достигнеше нивотона кое таа раскинуваше со дечковците или се оддалечуваше од нив, него го снемуваше. Се разбира дека тоа го правеше многу умешно, се’ со цел да си остави простор за следно враќање. Тоа така тераше додека нејзе не ѝ се усклучи алармот дека има тука модел на однесување (не бидете сега од оние кои ќе ја наречат наивна/будала, оти најтешко се гледаат дури и најочигледните работи кога е човек директно инволвиран во нешто).
Да се вратам малку погоре. Една моја другарка која се разведе после многу години брак, тврдеше дека тоа има врска со чувството на обврска од кое сите како да бегаат. Така, додека беше во брак ама нон стоп ѝ пишуваа мажи и ја викаа на кафиња (се разбира дека ги одбиваше, иако некои беа упорни ко “магаре на мост”-муабет од баба ми), но откако се разведе сите тие кои беа спремни да симнуваат ѕвезди, месечини, сонца, планети, ма цел универзум и кои облетуваа околу неа, едноставно одлетаа. И кога ќе кажам дека одлетаа, тоа во превод значи дека ги снема, аш! Им се виде веројатно некако комплицирано да бидат со слободна жена. Оттаму, нејзината теорија дека полесно им е да се “муваат” со некоја која е во брак, отколку разведена/немажена/вдовица (сеедно) бидејќи тоа повлекува и одговорност или одредени очекувања, држи вода. Точно е дека оние кои не сакат обврски, сакаат да имаат партнери кои се со обврски. Тоа автоматски значи дека нема очекувања, дека е тоа еден однос за кој се вели дека е “кога ќе се видиме, тогаш ќе се сакаме” и кој нуди удобност оти не треба да се развива. Тука ќе се навратам на другарка ми Весна, со која дур зборувавме за врски и партнери, љубов и нељубов, дојдовме до едно прашање: зошто од старт луѓето не кажат што сакаат? Е сега, да не се разбереме погрешно оти никој од едно испиено кафе не знае што сака од и со тој карши себе. Но, ако постои заинтересираност од двете страни, тогаш би требало да важи моментот на ексклузивитет кој се вика “ајде да пробаме”. Во периодот на “ајде да пробаме”(кој патем речено не трае долго, оти токму тој ексклузивитет прави двајца да се поинтензивно заедно и да се видат кои се и што се), луѓето се посветени еден на друг за да намирисаат дали си одговараат. Ако функционира, супер. Ако не функционира, пак е супер оти се разделуваат со чиста совест и срца, сосем зрели за нормален, човечки и пријателски однос.
Мислам дека само во Скопјево си го имаме потполно присвоено “лабаво маци, опуштено”, кое нит е лабаво нит е опуштено ( мене на пример ми прави језа) оти од старт се знае дека не бива ништо од односот. Само тука како да го имаме доведено до совршенство тоа дека со години може да се гледаме со некој, ама кога ќе нè прашаат што ни е човекот/жената да сме неодредени во одговорот. Имаме “пријатели за секс”, “open relationship”, “it’s complicated”, а вистината е дека имаме страв од тоа да се посветиме некому, да сме одговорни кон некој, да сме со идеја да градиме и да надградуваме. Голем дел не ги ни ставаат темелите на еден однос, а не па да градат нешто. И точно е дека секој од нас си прави избор во животот, сеедно каков е и дали им се допаѓа на останатите. Поборник за тоа сум и јас, но да се зборува вистината без да се даваат сигнали за кои после се пазариме дали биле погрешно дадени или погрешно протолкувани.
По мене, љубовта заслужува шанса...ама ако е љубов, без панаѓури на суетата и без глумење Казанова.
Да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ги пронајдов сите прашања
На одговорите кои одамна ми самуваа
Синкир не требаше обратно да биде
Та на старост одговори да дојдат
И наеднаш се’ да е бистро пред очи
За животот да се вклопи во рамка
Од која мрдање не смее да има
Та како совршена слика
Сето битисување да ми е заковано
На тазе молерисан ѕид
Со 4 шајки за да не ми се урне светот
Во кој се’ помалку се (с)наоѓам
И се’ да отиде бестрага
Ете
Во една младост
Открив едно ново време
Во кое моите фустани се демоде
А зборовите ко монистри
Од кои веќе никој накит не прави
И како што деновите
Ноќите со сласт ги јадат
Небаре изгладнеле од очекувања
А тие пак на деновите
Замка од копнеж им спремаат
Само стојам отстрана
И под окоѕиркам
А некојпат дури и се чудам
Како судбината убаво ми сместила
Да се родам или прерано
Или премногу доцна
Но никогаш навреме
За некаде да пасувам
Оти и човекот некогаш како цигла е
Та ако не е наместен ко шо треба
Од него куќа не бива
Ниту дом за душата каде да му преспива
Во една младост
Се најдов себе
И во сите одговори
По едно прашање сместив
Онака од око извагани
Без да се измачувам
Дал идеално сум ги потрефила
Та ги разместив сите сетила
Од кои во една жена
Жената почнува да се буди
Растегнувајќи си ја кожата
За љубениот во себе да го прими
Пронајдов нешто
Што и не знаев дека го немам
Или можеби сум заборавила
Дека попатно сум го изгубила
Во младоста...
Во една младост
Која никогаш нема да е моја