Ако е машко, павијанот ќе се вика Фичо :Зоолошка со нов член

Добивај вести на Viber

Скопската Зоолошка доби нов член, се роди мал павијан, кај народот познат како бабун.

Видеото на кое мајката павијанка не го испушта од раце своето бебе ја разнежи јавноста, а  го објави Тина Мицковска, задолжена за односи со јавноста во Зоолошка на својот фејбук профил.

„Овде имаме пракса, животните кои се родени на некој празник да им даваме такви имиња. Вчера беше Свети Филип, и ако е машко, павијанчето ќе се вика Фичо. Ако е женско, допрва ќе мислиме за име. За сега, мајката не дозволува никој да му се доближи на бебето, освен таткото, затоа не знаеме од кој пол е“, ни изјави Мицковска.

Таа додава дека ако е машко, кога ќе порасне, бабунчето ќе му биде друштво на познатиот павијан Лука, кој за сега живее сам. 

Во сабота, Зоолошката ќе донира за 5-годишната Сара од Охрид која боледува од анемија апластика и мора да оди на третман кој чини дури 200 000 евра. 
Кутијата за донации ќе поставена секојдневно на билетарата во Зоолошка, а во сабота ќе има и специјален настан за собирање на средства. 
Од 12 до 15 часот, посетителите ќе имаат можност да се дружат, сликаат, играат и анимираат со најомилените Дизни ликови Мики и Мини, а за тоа време во интерактивната зона ќе има поставено и кутија за донации каде што секој ќе може да помогне за Сара да има безгрижни тинејџерски денови.