Ако си ја сакаш работата ќе се чувствуваш како да не работиш: Утринско кафе со Ирина Тошева

Денот ми започнува со прошетка на мојата миленичка, Мини. Убаво расонување додека во глава ги „пролистувам“ дневните обврски кои ме чекаат. Продолжувам со утринското кафе покрај компјутер, читајќи ги модните вести и дневните новости.

Дневните планови и обврски ми варираат, во зависност од периодот и проектите на кои работам во моментот. Доколку подготвувам нова колекција, фокусот е таму и главните обврски се изработка на кроеви или прототипи, набавка на материјали, организирање на фотосесија и координирање со тимот. Тука се и честите состаноци со сегашни и идни соработници, консултации и проби со клиентите во  ателје за тековните нарачки, ангажманите со Fashion Revolution Macedonia или предавањата кај Џолев и уметностите.

Pinterest постерчињата велат дека ако си ја сакаш работата ќе се чувствуваш како во ниеден момент да не работиш. Когапосветено и со многу љубов градиш нешто свое најчесто е и така, иако може тече и 25-от час од тој ден. Но, и искуството те учи пречките и проблемите да ги гледаш како предизвици кои те прават покреативен и посилен кога ќе ги надминеш. Во дизајнирањето најчесто мотив ми дава реалноста, местата и луѓето кои ми значат, животните филозофии и сопствените перцепции.

Денот често ми завршува со нова епизода од омилените серии, или пијачка со пријател(к)ите. А некогаш и само тишина и време за себе.

Понекогаш се лажам дека сум уморна за да изгледам цел филм, а обично завршувам гледајќи неколку епизоди од некоја нова серија. Ги сакам и книгите, но најчесто ме дружат по аеродромите и плажите.

* Ирина Тошева, моден дизајнер

Фото: Ерина Богоева и Фјола Абдулахи