Алармантно зголемување на инциденцата на рак на кожата: Изгорениците од сонце во детството може да доведат до развој на меланом вели д-р Зафировиќ
Временската прогноза без исклучок секогаш завршува со информација за УВ индексот кој го покажува интензитетот на штетните ултравиолетови зраци од сонцето и во текот на летните месеци индексот е многу висок, односно се движи околу 8, 9 па и 10. Ваквата информација секогаш е во насока на предупредување граѓаните да не се изложуваат на сонце токму во период кога зрачењето е најсилно, односно кога сончевите зраци се најштетни и може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Податоците од релевантните институции во врска со инциденцата и морталитетот во Македонија покажуваат значително зголемување на ракот на кожата. На оваа тема Фактор разговараше со д-р Зорица Зафировиќ, специјалист дерматовенеролог од Клиниката за кожни болести во Скопје.
-УВ-Б зрачењето е најјако, додека УВ-А зрачењето е присутно во текот на целата година. Со прекумерна експозиција, односно со преголемо изложување на сонце и едното и другото имаат негативен ефект за кожата. Граѓаните обично се изложени на сонце поради вообичаени рутински активности, но постои и рекреативно изложување, во тек на спортски активности на отворено, како и професионално изложување на сонце, како што е случај со градежните работници, земјоделците, рибари, поштари...Она на што би сакала да обрнам внимание е намерното изложување на сонце заради добивање потемен тен, а освен на годишните летни одмори и викендите, дел од популацијата користи и солариуми, кои ние дерматовенеролозите практично маскимално се обидуваме да го ограничиме одењето во солариуми. Во некои земји се забранети. Дерматолозите ја забрануваат посетата на солариумите, бидејќи современите научни студии ги потврдуваат штетните ефекти од ув-зрачењето, како од сонцето кое е природен извор, така и од користењето на солариумите. И СЗО ја потврдила ултравиолетовата радијација како фактор за појава на канцер на кожата, вели д-р Зафировиќ.