Александра Тодоровиќ: Интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ е авантура низ спомениците во Скопје од османлискиот период

Добивај вести на Viber

Секој човек треба да ја познава историјата на својата земја и на својата нација. Има и една убава народна мудрост која вели: „Ако не знаеш од каде доаѓаш, не може да знаеш ни каде одиш“, истакна писателката Александра Тодоровиќ сумирајќи ја идејата зад нејзиното ново дело „Мистериозниот град под калето“ на вчерашната онлајн промоцијата која се одржа на фејсбук-страницата „Литература.мк“. На Денот на Скопје, 13 ноември, беше претставена оваа интерактивна книга која, пред сè, е наменета за деца и младинци од 7 до 15 години и чија цел е на забавен и интересен начин да се раскажат приказните за спомениците и локациите во главниот град кои датираат од османлискиот период. „Мистериозниот град под калето“ е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и достапна е во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.


Промоцијата ја водеше уредничката Татјана Димовска-Атанасова, која делото го опиша како еден вид на видеоигра во книжевна форма. Уште од почетокот на читателите им се дава предизвик – за три дена и три ноќи да најдат три мистериозни предмети, и тоа: боздоган, кубур и јатаган. Додека тие ги решаваат загатките и се „шетаат“ низ страниците на книгата дознаваат многу информации за важни споменици и локации во Скопје од османлискиот период.
– Идејата за книгата се роди непосредно. Мојот син кога беше четврто одделение учеше за историјата на Македонија и на Скопје и покажа интерес подетално да ги запознае работите за кои читаше. Му раскажував додека шетавме низ различни музеи и културни споменици, а почнавме од калето кое за мене е монументална градба која опстоила толку векови што е навистина чудесно. Оттаму се „расплетка“ приказната и дојдов до заклучок дека треба да се направи вакво дело особено што недостигаше нешто од овој калибар на пазарот. Јас и професионално веќе 20 години работам во книжевниот свет и знам што бараат не само луѓето кај нас туку и оние кои ја посетуваат нашата земја – вели Тодоровиќ.
Сепак, авторката минала една година во детално истражување и консултација со стручни лица за да ја конципира книгата.
– Книгата можеби и немаше да излезе ако јас претходно неколку години не работев во Македонската радиотелевизија во скопската рубрика каде главен уредник ми беше Лидија Богатинова од која многу научив. Тие знаења ми беа одлична основа да ја напишам оваа книга, но една година посветив и на истражување, посета на сите музеи, разговори со кустоси и вработени луѓе кои ми дадоа многу добри насоки и совети. Јавна благодарност и до вработените во Музејот на град Скопје со кои имав одлична соработка. Воедно, разговарав и со многу обични луѓе затоа што тие ги имаат најубавите приказни односно легенди на градот што се особено интересни. Собирав и литература и сето тоа ми даде база од каде што можев да црпам информации и да направам концепт. Сè што влезе во книгата од аспект на локации и споменици е внимателно избрано со оглед дека навистина немаше простор да се вметне сè. Скопје е сепак град со 20-вековна традиција – појаснува Тодоровиќ.




Откако го разработила концептот дошла и соработката со илустраторот Марко Јанев за кој вели дека вистински ја „оживеал“ книгата и дека без неговите илустрации делото нема да го има истиот ефект. Авторката информираше дека книгата ќе биде преведена и на англиски јазик со цел да им се понуди забавен и интерактивен начин и на туристите од странство да дознаат нешто повеќе за богатата историја на градот. Дополнително, Тодоровиќ смета дека „Мистериозниот град под калето“ е одлична основа за конципирање на едукативни тури за деца кои би можеле да се организираат по завршувањето на пандемијата и преку кои низ авантура тие ќе учат за Скопје.
„Мистериозниот град под калето“ е и прво дело од едицијата „Скопје од А до Ш“ во чии рамки авторката Тодоровиќ планира нови интерактивни книги за Скопје посветени на различни историски периоди како што е во времето на Кралството СХС, за постземјотресно Скопје и приказната би се „заокружила“ со модерно Скопје.


*ПР објава