Аман, затвори уста!

Добивај вести на Viber

Уште не можам да си дојдам на себе....ок, отпочеток. Знаете дека не ги сакам летата баш многу. Единственото нешто што го љубам во летото, тоа се ноќите. Доволно топло за да се шета човек по улици, онака бесцелно, да седне некаде и кога ќе се прибере да не треба да се расоблекува половина час. Останатиот дел од летото ќе го прескокнам, оти не уживам во жештината, а и не сакам да ве провоцирам со пекање по зима, дождови итн.

Значи, синоќа (колумнава ја пишувам во недела) седам со една многу блиска другарка на кафе, со која се немавме видено подолго време. Инаку, другарки сме заради нашите деца кои се намирисаа и засакаа уште во градинка. Односно, ќерка ми отсекогаш имала заштитнички однос кон помалите (љуби је мајка), па природно си додели задача да се грижи за Михаела која е една година помала од неа. Тоа трае и ден-денес, имајќи предвид дека одат во исто училиште, но Михаела е едно одделение зад Нина, па мојата (пак, љуби је мајка) знае да помине во одделението на Михаела за да провери дали е се’ ОК. 

Љубовта и пријателството со мајката на Михаела беше приказна за себе. Никогаш не ме красела особина на друштвена личност. Дури и детските родендени на кои сум била, сум ги поминувала подалеку од гужвата со таблет на кој куцкам или книга. Во една таква прилика, другарка ми ме здогледува и ги прашува мајките околу “што и’ е на женава?”, а во моментот кога добива одговор дека жената (јас!) е малку чудна, веднаш ми дојде на маса и во истиот момент започна нашето пријателство. Мимоза е погласна од мене, повеќе гестикулира, знае се’ и сешто, забавна е до бесвест, има неверојатен смисол за хумор и ме знае како дишам. Скен! Просто да те изнервира некогаш дека може да те прочита за секунда. Нејсе, убавината на нашата дружба е во тоа дека секоја од нас има респект кон мислењето на другата, колку и да не се сложува, па муабетите ни оделе и до граница на отсуство на рационално расудување. На сета моја молчеливот и нејзина зборливост, таа ја почитува мојата тишина, а јас нејзината разиграност. Муабетевме шо муабетевме, па се рашетав пешки низ Дебар маало онака лезетски додека во 10 и кусур навечер не ми текна дека сум гладна. Си одам накај дома, па пак ми текнува дека во фрижидер немам ништо, оти дете ми е во Охрид, дома не се вртам баш многу (да, ова се само оправдувања дека не сум домаќинка) и ми паѓа на памет дека кај мене, на Млечен има едно убаво место кое башка е идеално ко за мене оти има широк поглед кон игралиштето, па се забавувам со гледање како луѓето уживаат околу.

Седнувам на маса во ќош, со поглед кон плоштадот, нарачувам скоро се’ од менито (нека не ве лаже мојот изглед, јадам ко да не сум видела храна). До мене друштво од 4 пара кои по години се некаде меѓу доцни 30-ти и рани 40-ти. Не слушам никогаш туѓи муабети, убавината на самотијата е и во тоа што со текот на времето се развива способност да се исклучи човек од околината и да си везе нешто во глава. Ама ова беше просто невозможно да се избегне. Од 8 луѓе, сите се слушаа како зуење, нормален муабет...освен еден глас, кој беше доминантен и се разбира, женски.

Искрена да бидам, малку нешта можат да ме извадат од колосек, ама ова беше нешто неверојатно!

Ако ви кажам дека за половина час успеа да ги замолчи сите и да се наметне како главен забавувач, нема да ми верувате. Од тоа на работа како поминала, раскажано до сите можни детали, па одморот за кој сите околни маси дознаа дека бил во ресорт со се’ вклучено и кој од цела фамилија што јадел за доручек, ручек вечера...па ужинките, базенот. Седам и не ми се верува дека 7 луѓе се тортурирани од само еден човек кој нема ни намера да дозволи некој друг да каже нешто. Кога еден имаше мал обид да си го каже мислењето дека за него одмор сепак не е да да бања во базен, туку во морето, имаше канонада од убедување, УБЕДУВАЊЕ, дека тоа не е одмор, дека дрндрндрндрн.

Сите некако полека стануваа укочени, додека тој до неа (за кој претпоставувам дека и’ беше сопруг) си јадеше мирно и без глава да крене, веројатно надевајќи се дека доволно ќе се изназборува и паметува за барем дома си види малку мир човекот. За неполн час, сите имавме увид во секој сегмент од нејзиниот живот, за тоа како се воспитуваат деца, како треба човек и на кој начин да ужива во ова или она. После тој неполн час, еден пар стана и си отиде. Како секоја добра домаќинка, без оглед што беа во кафеана, стана да ги испрати. Па потоа ги договори сите за како да го поминат викендот и да тркнат до Солун на шопингче (мразам деминутиви, мразам!), па кога е најдобро да се тргне, каде да застанат по пат и нормално, кога да се вратат за да можат и на фри шоп да застанат.

Луѓе, се преморив! Замолив на сред јадење да ми ја спакуваат храната, додека во меѓувреме уште еден од паровите не си отиде. Ги оставив четворицата, со чувство дека кај и да е, ќе си останат сами на маса со мажот.

Уште не можам да сфатам, зошто толку ломотење без потреба?! Зошто да се наметнува муабет, ритам на муабет и заклучоци. Зошто да се доминира во дружба која треба да е забава и релакс?

Зошто имаме потреба во било кој сегмент од нашите животи да доминираме и тоа насилно, да тортурираме луѓе околу со нашите ставови. Еве, колумниве можете да ги читате, а можете и да си кажете “абе ај, ќе ја читам оваа” и да не читате. На социјалните мрежи има опција да отследите некого, да го тргнете од пријатели. ама како тоа да се направи во реалниот живот? Како да се замолчи некој кој нема слух за вашите мисли, кој ќе ви се поплука на секој став или мисла?

Муабетот ми е...некогаш секој од нас треба само да ја затвори устата и да замолчи. Да слуша за промена, да научи нешто поинакво од она на тоа што е навикнат, да прифати туѓо мислење. Не е дека треба да сме сите исти и по калап, но да научиме да ја почитуваме различноста на другите и да уживаме во неа. Прифаќам и да ми се каже отворено “АМАН АНО ЗАТВОРИ УСТА” ако претерам. Да ги слушаме другите со истото внимание и посветеност како себе, е уметност...на живеењето. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Ломотиш

повторно ги ломотиш истите зборови

со нив во утробава јагленчиња ми отпретуваш

за потем во пепел да ги запреташ

молчам и усните ти ги гледам

се движат, а не те слушам

и замислувам дека со конци

некој озгора ти ги движи

како дрвена кукла да си

и ломотиш...ломотиш без престан

па ми стануваш малку смешен

трепкам и погледот го спуштам

малку удолу

и полево

ете , со благо накривена глава

жилата на вратот ти ја меркам

и гледам како ти пулсира забрзано и неправилно

еден...

не ми ја знаеш омилената боја

два...

и не јас, туку ти сакаш чај од хибискус

три, четири, пет...

не помнам кога се кикотев последен пат

шест...

леворака сум и тоа не од неодамна!

седум...

не, нема да патувам со авион, уплав имам

осум, девет, десет...

не јадам чоколади, по гумените бонбони сум

единаесет...

не сакам да зборувам за детството

дванаесет, тринаесет...

Ана се викам, тоа ми е името!

СТОП

одеднаш чувствувам како љубовта ја абортирам

со една остра и болна контракција те убивам

се вртам и заминувам

а ти ломотиш

уште ломотиш во мојата тишина

дур ми чука едноличен ритам во главата

“Ана ми е името...Ана”