Ана Бунтеска: Љубовта не боли

Љубовта не боли
Не јадосува
Не го црвосува срцето
Ниту пак остава лузни
Од кои душата се поболува
За да ти се чини оти свој не си
Како половина човек
Без мисла која денот ќе го светне
Без радост во очите
Без себе и празна сенка
Љубовта не боли
И не смее да боли
Та да не веруваш никому
Кој вели оти ако нема неспокој
Тогаш не е вистинска љубов
И да не веруваш оти ноќта без сон
Е тоа што таа го носи
Ниту дека стегање во градите
Знае да биде слатка болка
Оти таква болка не постои
Љубовта не боли
Не...
Вистинската љубов никогаш страв не носи
Ниту пак срам во себе има
Таа е раширени крила
Со кои угоре леташ
Таа е мирис на дом
И вкус на топло огниште
Покрај кое варено вино стои
Од кое ти се чини дека ти пее во утробата
Љубовта
Ах, таа љубов за која сите пекаме
Токму онаа која сите ја сакаме
Ете, барем еднаш да ни чукне на врата
Или како крадец низ пенџере да влези
Таа љубов лечи
Таа љубов насмевка носи
Токму таа љубов знае кошмари да одвее
И како со рака сите маки да ги однесе
Како да ги немало, како да не постоеле
Љубовта не боли
И не се купува со азно
Ниту со златници се покажува
А најмалку со дребулии се заслужува
Таа е света
Таа е секојдневна борба
За да се задржи и одржи
Таа е како цвет во градина посаден
На кој вода му тураш
И кој го пазиш
Како зеницата во окото што ја имаш
Таа е вчера
Таа е денес
Таа е утре
Таа е минато, сегашност и иднина
Која се гради секој ден
Без да боли
Без ниту еднаш некого да заболи
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска