Ана Бунтеска: Како просјаци за трошка љубов

Добивај вести на Viber

како просјаци за трошка љубов 

со светнати песјаци и заматени погледи 

сити во стомаците, а гладни во срцата 

угул голи и боси 

во редици наредени 

како мали оловни војници 

во детска игра натокмени 

молчиме во џагорот околу нас 

озгора нѐ притиска сивото небо 

оздола тврда ни е земјата 

за кревкиот ô д како на деца што ни е 

низ џамовите гледаме надвор 

се џариме во туѓите животи 

озборуваме, се потсмеваме 

бистри сме и ум делиме 

а сите сиромави 

во душите ниту паричка не ни збира 

ама горделиви и со суета преполни 

како чаша вино која накиселува 

и ниту знаеме кои сме 

ниту каде сме кинисале 

да се помине само 

овој век да се изоди 

како-така 

без идеја за будење и мисла за среќни да сме 

само тераме напред, а без цел 

со изорани чувства

и поткинати чевли 

ко за гревота 

ко да сме казнети од Бога 

ете, живуркаме 

и ко’ улави се смееме 

ко да знаеме што со себе 

и каде 

каде патот нѐ води 

дур просјачиме 

за трошка разбирање 

и почит 

за трошка нежност 

просјаци во срцата 

и утроби кои се прелеваат од храна 

сиот живот за корка љубов умираме 

дур не нѐ снема 

дур не пцовисаме.


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски