Ана Дедова, поетеса, за животот со церебрална парализа: Не ми дозволија да се образувам, на мајка ми ѝ ја скратија пензијата, сестра ми порано созреа

Добивај вести на Viber

И овој 3 декември, денот на лицата со попреченост, помина и се заборави. Според поетесата Ана Дедова (41), која има церебрална парализа од раѓање, лицата со некаков вид на попреченост се изложени на дискриминација и неправда секој ден.

- Потребни се повеќе едуцирани надлежни институции, ако ги има воопшто во нашава земја. Но, да се надеваме дека работите ќе тргнат на подобро, бидејки секој има право да биде прифатен од општеството - посочува таа.

Со пишување се занимава 26 години, издала 5 книги. „ОхридскиБисери“ (2012)е главен виновник за нејзините почетоци во кариерата. Втората книга е „Илузија“ (2015),а третата е напишана на хрватски јазик и е посветена на хрватската пејачка ѕвезда Данијела Мартиновиќ. Последните две изданија се насловени „Везот на животот“ (2019) и „Гласот на мојата душа“ (2021).


- Во мојата поезија дише мојата душа, претежно пишувам за мојот живот. Во моите книги има многу автобиографски стихови. Секој родител, па и самото дете кога ќе порасне има желба да биде образован граѓанин. Па и нека е тоа дете со некаква попреченост, зар теба да биде отфрлено и исклучено од образовниот систем? Мене ми го скратија тој сон, зашто бев поразлична од останатите. Мојата иронија не е што не успеав во образованието. Туку што постојано се зборува за тоа, а сепак се тапка во место -потенцира Дедова и ја појаснува причината за незјината здраствена состојба.


- Мајка ми до самото породување, не знаела дека во утробата носи близначки. Во тоа време немаше ехо, иако редовно одела на контроли. Јас сум првородена, и го извлеков дебелиот крај. Како дете, во раната младост одев сама без проблем, ама како што изминуваат годините, ми треба придружба само кога сум надвор. За тоа објаснување никој нема, па ниту јас. Немам никаква финансиска помош, ниту социјална помош, бидејќи ме направија неспособна за работа. Мајка ми добива нега за мене во износ од 4.800 денари. Тоа е сѐ што ми следува како лице со попреченост. Што се однесува до личниот асистент, тоа ми го доделувваат секогаш кога има такви проекти.Досега имав тројца, а со сегашната асистентка сум многу задоволна. - открива поетесата.


Да се живее со лице со попреченост не е ни најмалку лесно, ниту едноставно. Тука е доживотната борба на целото семејство, нивната посветеност и макотрпната работа за да достигнат некаков успех. Мајка ми, татко ми и сестра ми, се исто така попречени, но од поинаков агол. Мајка ми беше попречена во работниот стаж поради мене, кој доведува до неисполнување на правото за пензија, иако и тоа како ги има годините. Беше попречена од личните нејзини потреби: кафе, време за себе, дружбите со пријатели, само да ме крене на нозе и да ме направи тоа што сум денес. Марија, мојата сестра близнак, со која бев заедно во утробата на нашата мајка, па до ден денес, беше попречена во детството. Брзо созреа, само да ми помага. Беше попречена за одењето на големите одмори во основното одделение, мораше да се грижи за мене за време на училиште. За време на нејзините студии во Охрид, ме земаше и мене по месец дена, за да ми помага и од таму. Затоа благодарна сум му на Бога и на животот, што имав можност да израснам во прекрасно семејство. - вели таа.


Пред неколку месеци го изгуби својот брат, својата најголема поддршка. Вели дека тешко е да се научи да се живее со таа болка.


-Сепак, мораме да продолжиме напред, да ги чуваме спомените, бидејки преку нив тој понатаму ќе живее. Времето со мојата 4 годишна внукичка од братот ми е драгоцено. Дружењето со моите драги пријатели и прошетките многу ме исполнуваат. Во Новата година планирам да ги издадам шестата и седмата книга посветени на мојот покоен братсо наслов Ѕидот на сеќавања и Подарок“. - открива Дедова.


Соња Алексоска Неделковска