Ана од „Антена 5“ радио изгледа одлично по породилното: Вежбам јога и ја одржувам линијата со прошетките со Бобан

Новинарката Ана Шутиноска, еден од заштитните гласови на „Антена 5“ радио одлично изгледаше на трибјут концертот на пијанистот Бобан Мирковски во Филхармонија, каде што повеќе наши пејачи во придружба на бенд пееја песни од „Квин“.

Шутиноска беше водителка на настанот, и тоа беше нејзино прво јавно појавување по подолго време. Насмевката, шармот и витата линија (речиси една ипол години откако го роди синот Бобан) се она што со години наназад ја карактеризира Ана. Откако ѝ заврши породилното отсуство, вели дека живее во сосема вообичено темпо на една мајка. 

-Последниве 9 месеци сум повторно активна на радио. Мојата утринска емисија, "Започни го денот" од 9 до 10 часот, си продолжи таму каде што застана пред да го земам породилното отсуство. Не е тешко прилагодувањето, особено што кога сум со работни обврски грижата за Бобан ја превзема неговата баба Наде, без која апсолутно е незамисливо“, ни раскажа Ана. За неа е важно, во целиот распоред на динамичниот ден да има и малку време за себе. Сопругот Гордан ѝ е голема поддршка во тоа. 

-Гордан го чува кога не е на работа и кога јас имам потреба за малку време за себе. Два дена во неделата одам на јога часови, но гледам и секојдневно по дома да извежбам, барем по половина час, ако не повеќе. Иако многу пати сум пробала да вежбам во теретана, сепак сфатив дека тоа не е за мене. (се смее) Повеќе сакам да пешачам во природа, па нема ден да не сум излезена со Бобан или на Водно или во парк. Се разбира предуслов е да не врне“, раскажува Ана за одржувањето во форма по породувањето.

Како родена охриѓанка, често го носи синот во нејзиниот град, а прошетките покрај езеро ѝ помагаат да го одржува позитивниот дух и линијата.

- Ги обожавам и долгите прошетки покрај езеро во Охрид, каде сме често, па така некако и ја одржувам линијата“, ни раскажа Ана која е позната како ранобудник и пред да стане мајка.

-Инаку денот ми почнува прилично рано, помеѓу 5.30 и 6.00 и тоа е време кога можам да бидам сама со себе, на раат да го испијам утринското кафе и да направам план за тековните дневни обврски. 

Би рекла едно сосема вообичаено темпо од животот на една мајка“, вели Ана.

Кога Бобан наполни шест месеци, таа во интервју за Женски магзин раскажа дека во моментот кога го родила синот, за неа како светот да застанал.

-Како одеднаш светот да застана. Бев пресреќна, збунета, неверојатно горда на себеси дека успеав да донесам на свет здраво дете. Бобан разбуди во мене длабоки емоции за кои не бев ни свесна дека ги поседувам. Кога првпат го гушнав, ја почувствував љубовта во нејзиниот најчист облик. За таа љубов вредеше да се помине трнливиот пат на ИВФ (фала деде Боби :), н.з. Др. Слободан Лазаревски,) вредеа сите претходни порази и разочарувања. Вредеше секоја жртва и секоја солза. На крајот, сѐ доби смисла. Во тој момент ние тројца станавме фамилија“, ни откри Ана минатата година.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски