Не, нема да е ова колумна, ниту осврт на книгата напишана од Ден Браун. Денес малку ќе позборуваме за ангелите и демоните во секој од нас, а особено за оние кои се мешаат и спијат во жените, кои излегуваат сосем ненадејно и кои знаат да се менуваат од секунда во секунда.
Милион пати имам кажано и пак ќе повторам дека мажите се многу поедноставни од жените. Нивното “да” е ДА, не-то е НЕ, “не знам” е навистина НЕ ЗНАМ. Од друга страна, ние жените сме како навиени во умовите од мали, полни судири од она што ни е наметнато со воспитувањето и хедонистичката природа која е одлика на секој човек (оставете настрана тоа што не’ учат родителите дека треба да се жртвуваме за ова или она, во секој од нас лежи по еден мал хедонист кој исфрустрирано пати дека не може да е се’ онака како што ќе му е удобно и убаво). Да го оставиме настрана делот дека мажите и жените се биолошки различни, дека жените заради хормоните се предодредени за мајки (не се сложувам ич, оти познавам жени на кои мајчинството им е важно колку ланскиот снег што си е сосем легитимно чувство и определба и не, децата не не’ дефинираат како луѓе, ниту како жени), па дури и на сопствените партнери. За ова со грижата за партнерот како за дете не се сложувам во потполност иако имам примери околу себе кога грижата за партнерот и децата наликуваат многу една на друга, но, мислам дека во тој случај важи она дека грнчето си го нашло капачето, оти знам и мажи кои сакаат некој да се грижи за нив како што тоа го правела мама, иако се возрасни за да имаат сопствени деца или внуци.
Нејсе, мажи или жени, сите си имаме свои ангели-кои сакаме да ги потенцираме и демони кога ќе ни дојдат жолтите минути. Разликата е во тоа дека не познавам маж кој држел лутина или бил осветољубив како што тоа може да го направи-сервира жена. Се лутеле или не, драги мои дами, такви сме. Нашата природа да анализираме отповеќе, да вергламе филмови во главите со сите можни сценарија во кои однапред ќе ги предвидиме чекорите, се просто воодушевувачки. Она што може да се сврти за една секунда во умот на една жена е нешто за што мажот не е способен да го направи за еден месец. Можеби тоа е од времето кога мажот морал да лови и тоа му била единствената преокупација, а жената да се грижи за се’ останато. Сум приметила дека кога сум имала партнери, мојата грижа, страв, размисла за иднината биле моите главните непријатели. Од друга страна, прекумерната лежерност на партнерите, оставање јас да берам гајле за обврските биле нивните главни непријатели. Со тек на време сфатив дека да се биде заедно не е само да се прави компромис, туку и да се учи еден од друг, при што, сум земала дел од лежерноста за да ме ослободи од мојот прекумерно аналитичен ум. Не значи ова оти мислам дека мажите се подобри од жените, ниту дека мажите се полекомислени од жените, туку само дека и ние и тие си имаме фалинки, но и добри особини од кои може и едните и другите да научиме нешто.
И учиме, не дека не. И ние од нив и тие од нас за да можеме да се разбереме и да функционираме. Она што никогаш нема да го научиме ние од нив е една единствена работа која беше одлично кажана во еден виц во кој се споредуваше како мажите и жените ги кријат своите родово исти пријатели кога е во прашање било какво оправдување. Да скратам, додека мажите 100% застанувале едни зад други, жените си местеле сопки и уживале во покажување надмоќ дека можат да раководат со одредена ситуација. Ако маж со маж не се поднесува, едноставно не комуницираат, но ако жена со жена не се поднесува, тогаш или стануваат пријателки со сила (за да имаат увид во животот на другата-фуј) или си го чешаат јазикот со озборување кај што ќе стасаат, при што се вклучени и измислици-бљак. И не, не го зборувам ова напамет, ми се има случувано да седам во друштво на “фини интелектуалки и феминистки” од чија уста сум се изнаслушала гадости за други жени. Вообичаено, што повеќе се удираат во гради дека стојат зад жените, толку попогано се однесуваат кон другите жени со осуди, омаловажување, никаква поддршка и плукање. Ангели и демони, нели?
Никогаш не ми било важно мислењето на другите за себе и она што сум или што правам, ниту од мажи ниту од жени. За мажите (од искуство) знам дека јадат гурабии за жени кои ги откачиле или кои не им дале шанса, но тоа повеќе ги држи на помлади години оти после веројатно се попрактични и гледаат дека има многу риби во морето. Како одминуваат годините сфаќам дека глевен непријател на жената не е мажот и приказната за тоа како тој сака да ја згази, истисне или омаловажи, колку што гледам дека жена на жена знае да направи огромна штета...и тоа само дека и’ се сака и дека и’ се може (првпат овие зборови ги користам во негативен контекст). И додека една жена изигрува ангел пред својот партнер и знае да ги толерира сите негови грешки и го*неници, толку е и демон (оти сета таа негативна енергија мора некаде да излезе) кон другите жени поради различни причини кои можат да бидат од помлада/поубава/пообразувана до поуспешна/похрабра да го живее своето/решителна да стави крај на врска или брак. Плејада од различни причина зошто на ангелот почнуваат да му растат рогови, а сето тоа е наменето токму кон оние за кои (наводно) се “борат да имаат свое место во општеството”. Поголема опасност и поголем пораз за феминизмот од лажниот феминизам, НЕМА. Џабе удирање во гради, џабе дигање џева, џабе градење имиџ на “жена за жена”, кога во реалниот живот и зад социјалните мрежи има само ставање сопки и јадење трици. Па, драги мои лажни феминистки со демоните кои ви седат на раменцата да ви кажам дека од километри се познавате која каква е и колку и’ тежи и вреди феминизмот. Додека не научите дека на дела се познаваат и јунаците и феминистките, не ве бива.
Додека не научите дека не се зборува за феминизмот, туку се практикува со постапки и со реално застанување една зад друга (не само кога се во прашање јавните личности за кои секогаш сте полни со разбирање оти тука лежат поените за да сте величани, туку да застанете со сето срце и верување и зад сосетката/познаничката/продавачката/жената која работи зад шалтерот во банка/фризерката/непознатата жена на улица), не ве бива.
Додека не научите дека не смеете на било која жена да и’ се потсмевате, да ја понижувате, да ја озборувате, никогаш нема да бидете ниту вистински феминистки, ниту вистински поборнички за права на жените...и нема да ве биде.
Дотогаш, ќе бидете само потпросечни манипулаторки со ангелски лица и демонски мисли. А можеби и само толку ве бива!
Драги дами, стојте секогаш една зад друга...едни на други сме си потребни и повеќе отколку што мислиме. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Замисли во моево тело да се разбудиш
А јас нозеве во твоите чевли да ги ставам
Замисли драга моја
Едно утро ти јас да си
А јас ти да бидам
Што би сторила со мојот живот?
Можеби би ја напишала најубавата песна
Или би ме насликала со цветови наместо очи
И крваво црвен кармин кој ќе ме краси
Можеби би била храбра да дишеш
Онака како што јас не умеам
И некому во четири очи се’ да му раскажеш
Наместо зборови на хартија да везеш
А можеби и срцето ќе ми го отклучиш
И клучот некаде ќе го затуриш
Та ќе се преправаме и двете дека не паметиме каде е
А јас
Јас можеби твојот глас ќе бидам
И она што на душа ти лежи
Ќе го тргнам за да не ти тежи
Можеби сите години во два куфери ќе ги спакувам
Онака без ред и со истуткани спомени
Можеби ќе заминам
А можеби ќе останам
Додека во совршен ред неговите кошули ќе ги наредам
И пред врата ќе ги оставам
Замисли
Само замисли драга моја
Колку полесно би било
Ти-јас да си, само на ден
И јас ти да бидам
И совршен спокој да исткаеме
Иако и ти и јас знаеме
Дека битките сами ќе си ги биеме
Оти до тебе е
До мене е
До мигот кога ќе решиме воздух да се наголтаме
И со главите нагоре да се кикотиме
Оти ниту една борба не ќе е до крај изврвена
Ако станеш некоја друга
И ако јас имево си го сменам
Оти ниту една од нас
Туѓата кожа не може ко својата да ја носи
Но можеме грб со грб да стоиме
И столбови да си бидеме
За сама да не си
И да знам оти осамена не сум
Замисли
Само замисли драга моја
Тој трнлив пат да го изодиме
И сиот бол да го изврвиме
Знаејќи оти зад тебе стои жена
Која рака ќе подаде
И да знам оти зад мене жена стои
Која ќе ме потсети која сум
Зад мене ти, зад тебе јас
Драга моја...жена за жена