„Десет години се грижев за неа и не бев подготвен да ја изгубам“: Апостол Икономов – Поце, вокал на „Меморија“ за сопругата
Загубата на драга личност остава големи последици во животот на секој човек. Но, кога си естрадна личност, пејач како Апостол Икономов - Поце, тогаш нема време за тагување, со бегство од секојдневието и на мир да се исплачеш, да бидеш осамен по своја волја. Мора да настапуваш, да пееш и кога срцето ти се распарчува од болка. Токму тоа му се случува нему.
- Се разболе пред десет години и сѐ комплетно ѝ се посветив. Се грижев за неа со голема љубов. Две недели пред да почине беше многу слабо контактибилна од преголем замор. Сѐ беше прехранување и сето тоа во усилба. Ама, немаше никакви најави дека ќе ја загубам. Нестварно. Се уште ми е лимбо ситуација. Не си ни лево, ни десно, ни горе, ни доле. Некаде во некој желатин. Ама, морам да функционирам. – вели Поце.
Беа заедно од 1989 година. Важеа за еден од најскладните двојки на естрадата. Плод на нивната љубов се двете ќерки.
- Тие кога беа на многу мала возраст, во пубертет, се сретнаа со ситуација кога почнаа да ја губат мајка им. Среќа во несреќа е тоа што и двете се по струка психолози и тоа им придонесе да знаат добро да го менаџираат тешкиот момент. Да не им е човек во кожа. Ама, добри се. – открива пејачот.
„Меморија “ неодамна ги промовираше песната и видеоклипот за темата „За тебе“. Во еден миг во спотот се појавува и ликот на на неговата почината сопруга.
- Кога ја снимавме песната, тогаш мојата сопруга беше жива. Беше сѐ ад хок. Не беше ни тема на размислување дека нешто такво ќе се случи. Не. Тоа беше тотално некоја паралелна ситуација со нејзината состојба. Паралелна, којашто дојде до таков производ. Си ја теравме работата по некој концепт и шема, којашто моравме да ја тераме со години. Така и беше. Десет години се грижев за неа. Месец или месец ипол, пред нејзиното заминување, дојде во една фаза којашто речиси немаше врска со нејзината болест. Тоа беше како да сте фатиле некој тежок грип. И се лечеше во домашни услови. И одеднаш влезе во фаза на тежок замор. Едноставно згасна.
Кога првпат стапнал на сцената по нејзината смрт вели дека се чувствувал чудно. Бил во ситуација која не може да ја опише.
- Едноставно, прекидачот на ринглата ќе го ставиш некаде кајшто ќе се одвоиш од таа матрица во којашто си бил. И сега цело време ме шета. Некогаш сум на единица на ринглата, после сум на двојка, па на тројка, па до шестка, па напред – назад си играм. Имам веројатно некоја добра психолошка методологија со која се соочувам со болката. – посочува Поце.
С.А.Н