„Арамиско гнездо“ од Ѓорѓи Абаџиев е историска авантура за ајдутството, борбата и љубовта

Добивај вести на Viber

Реобјавениот македонски книжевен класик, „Арамиско гнездо“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев, беше претставен вчеравечер (13 јули), со онлајн-промоција на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Кон делото се осврна проф. Марија Георгиева Димова, професорка по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

„Арамиско гнездо“ е роман за сите љубители на историската фикција. Станува збор за еден од првите романи издадени на македонски јазик, кој првично бил публикуван во 1954 година. Неодамна беше реобјавен во ново руво, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чијашто цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност.

На онлајн-промоцијата, која ја водеше Ведран Диздаревиќ, уредник во „Арс Ламина“, професорката Георгиева Димова зборуваше за проектот „Македонски книжевни класици“ и за значењето на Абаџиев и романот „Арамиско гнездо“ во македонската книжевност.
– Ја поздравувам и ја пофалувам идејата на издавачката куќа „Арс Ламина“ за повторно објавување на значајни остварувања од македонската литература. Со реобјавување на класичните дела тие се реактуализираат и реафирмираат кај современата, млада публика. Новите изданија се мултимедијални, збогатени со корици и илустрации од еминентни уметници и збогатени се со предговори и поговори од етаблирани книжевни критичари, што е за пофалба. Абаџиев е значајна фигура во македонската литература, го афирмира повоениот расказ, а има видлив влог и во почетоците на македонскиот роман. Имено, „Арамиско гнездо“ (1954) важи за еден од првите романи, објавен по „Село зад седумте јасени“ (1952) на Славко Јаневски и „Крпен живот“ (1953) од Стале Попов.  Абаџиев е основоположник на историската проза (историска белетристика) и е значајна фигура во македонската историографија, научна област во која дал придонес. Тој е фигура исправена пред предизвикот на „првиот“ – ги дал насоките за првите романи, го дал обликот на историскиот и психолошкиот роман – истакна проф. Георгиева Димова.

„Арамиско гнездо“ го означува преминот меѓу двете творечки фази на Абаџиев: првата, која ги опфаќа расказите, и втората фаза што се врзува за романот „Пустина“, кој претставува не само квалитативен пресврт во творештвото на Абаџиев туку и роман кој, иако користи историска предлошка, жанровски е варијанта на психолошки роман со видливо модернистички книжевни постапки.
– „Арамиско гнездо“ е роман што има понагласена книжевна историска вредност во творештвото на Абаџиев, но и во македонската литература. Тој е традиционален, класичен реалистичен историски роман. Ги има сите карактеристики на историскиот наративен роман со сезнаен раскажувач, видливи пејзажи и реалноста на случување, сите ликови си имаат портретно претставување, а временските информанти се претставени преку верските празници. Романот изобилува со архаизми, турцизми и лексика поврзана со материјалната култура во македонска рурална средина во XIX век – рече таа.

Во романот Абаџиев ја користи својата богата имагинација, полна со историско знаење, за да ни го наслика времето на ајдутството.
– „Арамиско гнездо“ тематизира еден феномен поврзан со националната историја: ајдутството како облик на стихијна борба, како најрано и долготрајно движење на спонтан отпор против Отоманската Империја. Наративната структура на Абаџиев е во функција на афирмирање на идеолошкото прикажување и вреднување на минатото и во функција на поттикнување на националните сентименти, неопходни и очекувани во првите децении од развојот на македонската држава. Во „Арамиско гнездо“ тоа е прикажано преку двата главни лика, кои не се историски личности – Мануш и Трајко, чиишто животни судбини ги следиме врз заднината на препознатливата историска стварност – рече професорката.

Преку ајдутите Мануш, Трајко и Муса, но и преку нивните љубени Дафа и Јана, чорбаџијата Гого Јане, Топуз-бег, Билбил-ага и уште многу други, авторот му вдахнува живот на не толку далечниот XIX век. Романот е богат со прекрасни пејзажи: возвишени планини, мистериозни шуми, брзи потоци, мирни и затскриени села. Приказната е испреплетена со авантура, борби и љубов, во која непрестајно се мешаат романтизмот на народните песни, легендите и преданијата, и суровиот реализам на историските факти.

Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Негови најпознати дела се: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Арамиско гнездо“, „Арс Ламина“ реиздаде уште едно познато дело од Ѓорѓи Абаџиев „Пустина“, кое беше претставено на шести јули, со онлајн-промоција.
Романите „Пустина“ и „Арамиско гнездо“ веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Целата промоција на книгата „Арамиско гнездо“можете да ја погледнете овде:



ПР објава