Драган Костиќ за својот последен танц: Не чувствувам тага, иако сум неконтролиран емотивен тип

Добивај вести на Viber

Подолго време имал на ум низ еден настан да го одбележи крајот на клупската диџејска кариера. Пред него играле илјадници луѓе низ децениите, со кои бил сведок на општествените и сите останати промени кои одат со нив. Различни луѓе, генерации, поинакво ниво на музичко сознавање и култура.

Истото ќе се случи и на 29 ноември во СЦ Јане Сандански кога ќе го одржи „Последниот танц” на сцена. Драган Б. Костиќ, една од најлегендарните фигури во македонската културна сцена - новинар и водител со преку 14.000 радио емисии и 20.000 часа минати пред микрофон, диџеј со преку 2.000 настани, човек кој има пораснато и музички и културолошки едуцирано повеќе од 5 генерации.


- Во почетокот бев признавам малку дезориентиран што би требал впрочем да направам. Бев и под притисокот на околината на оние околу мене кои очекуваа некаков спектакл. Тоа траеше додека самиот, а и неколкумина искусни во естрадната професија, ме убедија дека треба да го правам она што сум го правел секогаш. Низ еден избор на музика да спојам генерации. Правам разни варијанти низ изборот. Што и не е така лесно и едноставно, го исклучувам сопствениот избор низ поимот квалитет во полза на опште познатите хитови низ времето. До пред само некој ден бев  во тешка двојба и речиси безидејно талкав низ можностите, сѐ до мигот кога наеднаш не ја осознав вистината како единствен, прав избор. - вели Костиќ за своите почетоци.

Бидејки со овој настан кој го организира „Авалон продукција“ ќе се одбележат 50 години на опстојувањето на брендот „Диско селектор„ и неговата водителска кариера, заoкружените два и пол часа ќе бидат радиски термин за посебен облик на радиска емисија, трансформирана во клупски простор и неговите закономерности. Минимум говор, на самиот почеток и еднаш или двапати како најава на блоковите, и во одјавата.


- Отсекогаш протежирав, иако малкумина тоа го споменуваат, а уште помалку признаваат, млади луѓе кои допрва излегуваат на естрадната сцена со било која улога, користејки го моето искуство во најпозитивна креативна и поттикнувачка смисла. Одбрав без двојба такви двајца луѓе кои додуша не се од најмладата категорија сценски изведувачи, а со долгогодишно оскуство и со свои влијателни професионални мигови, да бидат дел од мојата изведба. На почетокот со сопствен сет во чиј  избор не се мешав со единствена препорака да не се совпаѓа со содржината на централниот настан. Знаејќи ја неговата професионалност убеден во оправданоста на неговиот избор во полза на целиот настан, човекот со многубројни клупски настапи, радиски и тв проекти, го одбрав и го замолив да биде дел од мојот проект. Зоран Ристевски или Зоки Бејбе. Вториот, кој ќе го заврши настанатот е искусен, сценски продуцент, менаџер, дипломиран саунд инженер, клупски ди џеј, Томи Бојаџи, кој на сегашноста ќе ѝ ја додаде бојата на иднината, а воедно ќе биде и креатор и котролор на звукот и ди џејска опрема. – открива Драган и додава дека имал идеја за гости, но за искусни естрадни дејци.

- Ми кажаа дека јас сум и и домаќин и гостин, нема потреба од разводнување на настанот, музиката е главното тркало низ времето. А имав во предвид и една танчерска екипа. Нивниот менаџер  или што и да е, ми побара сума која и во најдобрите мигови не сум можел да ја добијам. Поточно не сум можел да добијам  ниту третина од таа сума. За да не ми се случува тоа и со гостите, се откажав од нив. Колку и да ми должеле од почетоците на своите кариери. - посочува Костиќ. 


Во текот на настанот покрај него на пултот како најблиска поддршка ќе бидат двајца луѓе кои во одреден период во втората половина на деведесеттите и почетокот на дваесет и првиот век му биле силна, професионална и човечка поддршка на сите патешествија на настапите низ Македонија, пренесувајќи го  низ десетици илјади километри до посочените дестинации.

-Тие се Владо Данилов и Зоки Недевски. Среќен сум и благодарен сум им што со радост ја прифатија мојата понуда за нова дружба. Настанот содржински е поделен во блокови, низ инсерти за популарното во седумдесеттите, а централниот дел го имаат осумдесеттите и деведесеттите години. Нив ќе ги двојат миксови на најпопуларното од југословенската сцена и од македонската. Се разбира, само како реминисценција на времето, а не и негова антологија. „Ласт денс“ или „Последниот танц“ е симболика, последен јавен настап пред голем аудиториум, пред многубројна, се надевам публика. Сум имал горе долу толкава публика и во многубројните настапи во „Колосеум“ и „Елемент“, а и низ Македоинија. Имам како обврска настапи во десетина помали простори во декември и јануари. Не се откажувам од корпоративни настапи по разноразни поводи. Би сакал да ме повикуваат во такви простори за тематски забави, сум работел и би сакал поводи на забави со одредена географска музичка определба, вечер на шпанска, италијанска, француска музика. А ќе продолжам и тоа интензивно да творам неделни радиски изданија на емисиите „Диско селектор“, „Заборави ако можеш“ и „Кавервил“ на интернет теминали. Можен е и негов подкаст, а ќе се свртам и кон завршувањето на моите две интересни книги. – вели тој.


- Не чувствува тага, иако сум неконтролиран емотивен тип, затоа што многу нешта влијаеја да го направам овој потег. Од сѐ помалку соодветни простори за настапи, сѐ помалку публика која уживајќи го прави предизвикот, до наполно незаинтересирани финансиски поддржувачи, без кои сето посакувано е утопија. Се уверив сега и самиот, и покрај поводот до кој ретко стасува некој во оваа професија, и белегот кој е оставен во севкупниот македонски естрадно културен идентитет, силните деловни моќници, едноставно вртеа глава незаинтересирано за да го поткрепат самиот миг и чин на поклон. Но, тоа е реалноста и од неа не се бега. Се надевам дека доволно луѓе ќе дојдат за да взаемно на крајот си аплаудираме за патешествието низ времето низ кое сме минувале, евоцирајќи ги најубавите спомени низ препознатливи рефрени. Со насмевки за можните средби со некогашните драги ликови со кои сме крстареле низ скопските простори. И со воздишка за времето кое си одминало и верба во времето кое е пред нас. – заклучува Костиќ.


Соња Алексоска Неделковска