,

„Архангел“ се враќа на „Д фестивал“

Добивај вести на Viber

Легендарниот македонски рок-состав „Архангел“ годинава повторно ќе настапи на главната сцена на „Д фестивал“. Групата која повеќе од три децении е присутна на домашниот подиум во Дојран ќе се претстави на 7 јули.

- Со завидна колекција на антологиски хитови и албуми кои ја одбележуваат македонската сцена уште од деведесеттите години, „Архангел“константно ја потврдува својата музичка величина и ненадминливоста на музичките граници кои ги поставува и тоа не само кај нас туку во рамките на целиот регион. Овојпат сме почестени со поинаква програма и концерт кој групата цени дека го должи на публиката поради временските услови од минатата година во Дојран. Што е подготвено од музичката работилницата на култниот „Архангел“ е изненадување за посетителите – информираат од „Пасворд продукција“.

„Архангел“ постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија. Групата оформена во 1988 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003). Станува збор за едно од малкуте музички имиња кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата македонска музичка сцена и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.

„Д фестивал“ кој годинава ќе се одржува од 6 до 8 јули во Дојран е единствениот летен музички фестивал на отворено во Македонија, кој во својата тридневна музичка програма покрај „Архангел“ веќе ги потврди и настапите на бројни музички ѕвезди од светската, регионалната и домашната сцена, меѓу кои PAUL VAN DYK, DISCIPLES, FINK, SEVDALIZA, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, PUSSY RIOT, ГОРАН ТРАЈКОВСКИ, SMUT, SONIC SPECIES, WHO SEE, TRAP DA FUCK UP, FRENKIE, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, BRKOVI, HELEM NEJSE, KOALA VOICE, ПАЛИНДРОМ, CONSPIRACY, KI, ПОСЛЕДЕН УДАР, RGB, CUT YOUR NIPPLE, ANNA O, MAN IN A SUIT, REDUCED TO ASHES..

Покрај музичката програма која се одвива паралелно на четири фестивалски бини, „Д фестивал“секоја година подразбира и раскошна разновидност на настани и случувања во дополнителната програма во ПлоштАРТ зоната и Фестивалскиот камп која вклучува филмски проекции, уметнички изложби и инсталации, работилници, дискусии, спортски активности и мноштво забавни содржини.