Балансирам за да бидам среќна и успешна: Утринско кафе со Моника Алексовска
Првото утринско кафе го пијам со самата себе. Тоа ми е еден мал секојдневен
ритуал кој ми е потребен за успешно да
си ги завршам работните обврски. Сите останати кафиња во денот ги пијам со
најблиските и уживам во тоа, но денот мора да ми започне со кафе, музика и
будење физички, како и психички на телото и духот. Сите оние кои добро ме
познаваат знаат дека не би требало да ми прават муабет веднаш штом станам и без
добро да се расонам (хаха.)
Секој ден ми е различен од другиот. Речиси секогаш работните обврски ми започнуваат и завршуваат во различно време, а тоа е така бидејќи не работам само една единствена работа, туку сум активна во повеќе области. Мојата работа како мејкап артист и техничар за екстензии на свилени трепки,прави да имам клиенти во различни термини од денот и исто така секој ден во различен број. Моите обврски пак, како едукатор за свилени трепки прават секој месец да одржам различен број на обуки во различни датуми. Тука е и Моден Викенд Скопје, каде што работам како дел од тимот за односи со јавност на настанот, кој со себе носи многу одговорности и обрски, како и рани подготовки за се да помине во најдобар ред. Веќе започнавме со подготовките за овој настан, а јас актвино ги извршувам и сите мои останати работни обрски. Обожавам што секој ден ми е различен, креативен и не е монотон, а јас уживам во тоа што го работам!
Ме мотивираат моите резултати по секоја завршена работна задача и труд, критиките, поддршката од моите најблиски, амбициозни и позитивни луѓе што започнале од нула и со својот труд постигнале голем успех. Ме мотивираат луѓето кои и покрај сите препреки во животот , останале позитивни, се борат и не се откажуваат, ме мотивираат и оние кои на некој начин се трудат да го променат општеството кон подобро, се грижат за чувствата на луѓето, се грижат за животните како и оние беспомошните.. Толку многу мали нешта ме мотивираат и тие се насекаде околу нас. Не мислам само за работа, туку и за мотивација да бидеш среќен, да чекориш со позитивна мисла , да направиш нешто ново за себе , да си го следиш и исполниш својот сон.
И покрај сите работни обрски, нема вечер а да не излезам од дома и испијам по некое кафе со другарките, партнерот, семејството и сите оние со кого сакам да ги споделам случувањата од поминатиот ден. Секогаш уживам во длабоки вечерни разговори со луѓе кои ми значат, да размениме мисли , ставови и искуства. Се разбира, сакам и забава, на секого му е потребно да се опушти, да го ослободи стресот, да танцува, да си помине убаво и да направи вечер за паметење. Сметам дека во животот треба да се одржи еден баланс за да бидеме среќни, исполнети и успешни.
Секогаш сакам да прочитам добра книга, да ја развијам имагинацијата и да навлезам во текстот. Но, во последно време , честопати гледам филм или серија пред да заспијам и со тоа си помагам побрзо да потонам во сон. Ако почнам да читам некоја интересна книга, нема да можам да сопрам додека не ја прочитам, а тоа ќе ми ја одземе цела вечер и нема да ја имам потребната енергија за да ги извршувам работните обрски. Дефинитивно треба да се навратам на читањето кога имам послободно време!
*Моника Алексовска- ексманекенка,сега пи-ар на Моден викенд-Скопје и мејкап артист