БАЛАШЕВИЌ ГО РАЗНЕЖИ СКОПЈЕ: Викајте се и Нова Каледонија, јас пак сум ви земјак
„Не знам дали да ви се обратам со: Драги мои од бивша Југословенска Република Македонија или драги мои од Илинденска Македонија, или во меѓувреме можеби се договориле за некое друго име? Викајте се и Нова Каледонија ако сакате, јас пак сум ваш земјак, вие сте мои земјаци. Добровечер Македонија“, рече Балашевиќ
Повеќе од три ипол часа настап без пауза, петнаесет музичари на сцената зад него, а тој ист каков што го знаеме и сакаме. Едноставен, во фармерки, џемпер и патики, полн со духовити приказни и со топли стихови. Ѓорѓе Балашевиќ сношти со концерт во ВИП Арената во Скопје во организација на „Авалон“, прослави 40 години од својата музичка приказна.
„Не знам дали да ви се обратам со: Драги мои од бивша Југословенска Република Македонија или драги мои од Илинденска Македонија, или во меѓувреме можеби се договориле за некое друго име? Викајте се и Нова Каледонија ако сакате, јас пак сум ваш земјак, вие сте мои земјаци. Добровечер Македонија“, рече Балашевиќ во свој стил на почетокот од убавото дружење. Не се само песните:„Неки нови клинци“, „Јесен стиже дуњо моја“ или „Девојка за чардаш ногама“ оние поради кои новосадскиот кантавтор трае толку години. Секое ново доаѓање во Скопје е нова приказна, ново шоу: романтична сценографија, богат музички настап со врвни и симпатични тамбураши од неговиот крај, плус неговиот постојан бенд на чело со професорот Александар Дујин на клавир. И покрај тоа што сега има сосема бела коса и брада, Ѓоле во душа е секогаш истиот, песните се тие, но звучат богато, свежо и различно секој пат, а еднакво топло и носталгично.
Повеќе од три ипол часа настап без пауза, петнаесет музичари на сцената зад него, а Балашевиќ ист каков што го знаеме и го сакаме
„Деца, колку е чудно да ги доживееш своите стихови во кои велиш: „Мене ми е шеесет и петтата“. „Ако не дочекам овде да прославам 50 години, ќе ги замолам најмладите членови од тамбурашкиот состав да дојдат и да ги испеат овие песни“, додаде Ѓоле. Тој не се однесуваше како ѕвезда на вечерта. Музичарите имаа еднакво учество во шоуто, дел од тамбурашите мошне успешно испејаа дел од хитовите, заедно со публиката.
За песната „Лузер“, панонскиот морнар раскажа дека со неа требал да оди на Евровизија, но тоа било време кога жените на „Евросонг не носеле брада“. „Никогаш не матурирав за да не облечам костум“, е дел од искрените животни приказни кои Ѓоле ги сподели. Меѓу баладите кои расплакуваат, шегите кои до солзи насмејуваат, и веселиот и страстен чардаш кој ја крева публиката на нозе, кај Балашевиќ нема средина. Токму тоа е убавото во неговите концерти.
При крајот, тој рече дека имал само едно знаме, тробојнo, со црвена петокрака. Сега има повеќе знамиња, а кога би направил свое, би било со многу ѕвезди, посветени на публиката. На видео бим, неколку пати се покажа фотографија од неговата ѕвезда водилка за која ги напиша песните „Провинцијалка“, „Оливера“, и многу други, сопругата Оливера. Му посвети песна и на покојниот виолинист од неговиот состав, Игнац Шен кој почина лани. „Зборуваме на различни јазици, но каде и да одам, во регионот, срце се вика исто-срце, во сите земји“, ни овој концерт не помина без познатата реченица на Ѓорѓе за крај. Без да си оди од сцената и да се враќа, тој ни подари еден подолг бис и „Одлази циркуз“ за крај.
Музичарите имаа еднакво учество во шоуто, дел од тамбурашите мошне успешно испејаа дел од хитовите, заедно со публиката.
Поминаа три ипол часа, дојде полноќ, а Скопје бараше уште. Балашевиќ не се врати назад. Остави простор за ново дружење наскоро, за кое не мора да има ни повод, ни јубилеј.
„Зборуваме на различни јазици, но каде и да одам, во регионот, срце се вика исто-срце, во сите земји“
Милица Џаровска